Нема зголемено присуство на мигранти на јужната граница по егзодусот на Авганистанците
Состојбата на јужната граница е стабилна и за сега случувањата во Авганистан немаат никакво влијание во нашиот регион. Обиди за илегани премини има, но нивните бројки се движат во рамките на вообичаеното за овој период од годината. Полицијата во просек дневно открива помеѓу 50 и 100 лица кои се обидуваат од територијата на Грција да се префрлат на македонска страна.
За разлика од изминатиот период кога мигрантите најчесто ги користеа дивите планински премини, сега тие претежно се откриваат во ниските делови долж границата. Според податоците од МВР во првата половина од оваа година биле спречени вкупно 7375 обиди за илегален влез во државата.
И понатаму заедно со македонските, границата ја обезбедуваат и полицајци од вкупно 8 европски држави, од кои 7 се земји членки на Европската Унија. Сите се дел од заедничката меѓународна операција која на јужната граница се одвива континуирано уште од декември 2015 та година.
Од МВР потенцираат дека од почетокот на кризата па до денес, бројот на ангажирани припадници на МВР, Армијата и странски полициски службеници се одредува врз основа на претходна анализа на ризик и варира во зависност од состојбата на терен и очекуваниот развој на настаните во соседните земји, во регионот и пошироко.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар