Родителите на деца со посебни потреби во вторник излегуваат на протест пред владата
Зголемување на додатокот за деца со посебни потреби, како и зголемување на мобилноста и туѓата нега на ниво на минималната плата во Македонија, а исто така и добивање на пензија за еден од родителите. Ова се барањата со кои во вторник на протестoт пред Влада ќе излезат родителите на децата со посебни од цела Македонија. Велат дека средствата што сега ги добиваат се мизерни и со нив не може да се гледа дете со посебни потреби, особено кога едниот родител не може да работи и 24 часа мора да го чува тоа дете. Велат дека протестот нема никаква политичка позадина. Повикуваат на него да учествуваат сите родители кои имаат вакви деца.
„За децата се е кажано, нема што да се кажува веќе. Повеќето од родителите се во катастрофални услови, мизерија. А некои живеат како во хорор филм. За нив животот е хорор филм. Еден родител е 24 часа обврзам со детето, другиот не може да работи, половина сме разболени, нема од каде пари, а трошоците се големи. За едно вакво дете само за лекарства се потребни 500 евра месецот, а со 5.000 денари додаток ние не можеме да покриеме ништо“, кажа Горан Камчески, родител на дете со посебни потреби.
Токму поради оваа состојба бараат барем од родителите да добие и некој вид на пензија.
„24 часа мора еден родител да биде врзан со него. Еве јас за моето дете користам повеќето боловање за да му угодам него за сите потреби кои ги има“, рече Сашо Христоски, родител на дете со посебни потреби.
Се жалат дека нивните деца се заборавени од државата, а често пати нивните лекувања ги прават во странство со пари собрани преку донациии, наместо тоа да го плати Фондот за здравство.
„И вие самите знаете и цела јавност знае дека Матеј Алексоски направи 2 операции во Србија, незадоволни сме од Министерството за здравство, можеше Фондот да покрие. Не само моево дете, од цела Македонија јас знам дека има преку 50 деца што само јас ги знам дека заминаа на лекување во Србија со донации, со пари од кредити и слично“, додаде Игор Алексоски, родител на дете со посебни потреби.
Во вторник било планирано по протесто пред Влада да се изврши и марш на овие родители од Илинденска до Собрание на Македонија.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар