СПМ: Пописот е неуспешен, нецелосен и манипулирачки, СДСМ: Пописот е по сите стандарди
Пописот е неуспешен, нецелосен и манипулирачки и им нанесува штета на националните интереси на граѓаните во Македонија, оценува Социјалистичката партија на Македонија. Од СПМ истакнуваат дека не се почитувани европските правила за попис и според нив ова е политичка операција со нереални показатели.
-Со партиско-политичкиот инжењеринг се прават обиди да се избрише македонската нација и со тоа да се оспори македонската држава. Со непопишување на 21,5%, или стотина илјади македонски граѓани, како од државата, така и од дијаспората, со изигрување на религиската припадност и со срамната методологија, прикажаните бројки не може да се наречат државен попис, стои во соопштението од СПМ.
За социјалистичката партија на Македонија не се прифатливи резултатите од пописот, бараат одговорност од директорот на ДЗС и спроведување нов попис од легитимна власт која ќе дојде како резултат на нови избори.
За СДСМ пак после 20 години спроведен е успешен попис согласно сите светски стандарди. Позитивни оценки за пописот дале и меѓународни експерти.
-Сега, институциите, државата па и компаниите имаат точни податоци за структурата на население, за развојот на општините и регионите, по што ќе можат да ги планираат идните политики и инвестиции. Спроведениот попис е заеднички успех на државата, институциите и граѓаните кои дадоа свој придонес за успешно реализиран попис, информираат од владејачката партија.
Вчера како нерелевантен го оценија од Алијанса на албанците, а резултатите не ги признаваат Турците, Ромите, Власите...
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
