Над 2.000 деца питачат во Македонија
Секој ден питачат по 2.000 деца на улиците низ Македонија. Тие се злоупотребувани од страна на организираната мафија, препродавачите и нивните родители, а 1.500 деца со години не однесени на лекар и нивното здравје е во лоша состојба.
Дел од нив дури и бегале од болниците после хоспитализацијата за да се врата повторно на питачењето. Ова се само дел од резутатите до кои се дошло со проектот „Стоп за питачењето и злоупотребата на децата“ на НВО „Градиме иднина“, од каде велат дека ситуацијата во државава била алармантна.
„Децата се во пијана состојба, ги заспиваат од 4 до 10 саати за да спијат, најчесто давајќи им да пијат вотка ги заспиваат. Органите не реагираат за да плачи детето. Овие пари завршуваат кај организаторите, кај препродавачите, кај макроата, кај нивните главни шефови. Дури децава ги претепуваат присилно и да питачат и после им ги земаат парите“, вели Илија Јовановиќ, НВО „Градиме иднина“.
Јовановиќ бара поголема ажурност на институциите. Потенцира дека дел од децата кои питаат користеле и дрога.
„Прво опоменувајте ги како што кажува службената положба, а потоа преземете мерки институционално, судство, јавно обвинителсто, полиција, труд и социјала, да им се одземе родителското право, да се реши овој проблем. Бараме институционално да се реши овој проблем со отворање повеќе дневни центри“, додаде Јовановиќ.
За разлика од НВО „Градиме иднина“ од каде велат дека после Скопје Прилеп е втор град во Македонија според бројот на деца питачи од Центарот за социјална работа велат дека мал бил бројот на деца питачи и тука немало организирана мрежа. Како стручни тимови работеле на зајакнување на капацитетот на семејствата на овие деца. Сметаат дека оваа појава ќе се сузбиела само ако граѓаните не им даваат пари на децата.
„Ако граѓаните не им даваат пари самата појава природно ќе исчезне. Граѓаните да не паѓаат дека тие пари се за децата, туку тие пари се за некој кој стои позади нив“, изјави Дејан Тошески, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Проектот „Стоп за питачењето и злоупотребата на децата“ ќе се реализирал и во други градови во Македонија.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар