Карбинци ќе се снабдува со вода од „Злетовица“
Општина Карбинци интензивно работи на изградба на водоводната инфраструктура за приклучување на ХС „Злетовица“. Изградбата на филтер станицата е во завршна фаза, а се поставува и водоводна мрежа во должина од 18 километри.
- Во исто време се вршат и испитувања за утврдување на исправноста на водата и сите оние сертификати кои треба да ги добиеме за да го склучиме овој договор навремено, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
Паралелно со добивањето на чиста и здрава вода за пиење, општината и ЈП „Плачковица“ ќе имаат и економски бенефит, зашто ќе се намали потрошувачката на електрична енергија.
- Во последните 2 месеци, електричната енергија е зголемена, односно, потрошувачката е иста, но сметката е драстично поголема, додаде Паунов.
Со реализација на проектот трајно се решава проблемот со водоснабдувањето во 8 населени места, кои сега се снабдуваат од бунарски системи со вода за пиење со сомнителен квалитет и во кои живеат над 80 % од жителите на општината.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар