Бизнис
13. July 2022 - 16:44

Политичките тензии не влијаат на инвеститорите, вели Деспотовски

Политичките случувања и протестите поради францускиот предлог, засега не ги пишманат странските компании да инвестираат во земјава. Првиот човек на Тешколошко-индустриските развојни зони, открива дека, заинтересираните компании се интересирале што се случува во државата, но како што вели Деспотовски, нема ризик да се откажат од плановите за инвестирање.. Веќе следната недела, најави посета на претставници од американско-тајванска компанија која планира да вложи 250 милиони евра.

„Засега, немаме ризици во тој поглед, иако имаме прашања. Значи добиваме прашања во разговорите. Голема делегација доаѓа на почетокот на следната недела, така што се надевам нема да имаме прашања од типот, „што се случува“ итн“, изјави Јован Деспотовси, Директор на ТИРЗ.

Деспотовски вели дека во првата половина од годинава, бројот на вработени во зоните се зголемил за илјада и пораснал извозот. Очекува дека во следните години, ќе се отворат дополнителни 3 илјади работни места најавени од шест заинтересирани странски компании. Две од нив се од автомобилската индустрија.

„Значи постигнати договори за инвестиции од вкупен обем од 240 милиони евра, значи покрај компанијата „Гересхајмер“, имаме уште четири други инвестиции кои во моментот се во финална фаза, значи, постигнат е договорот со самите инвеститори и во моментов, комисијата за заштита на конкуренција ги разгледува тие договори и очекуваме финално одобрување , значи топката е на наша страна“, изјави Деспотовски.

Од ТИРЗ велат дека наесен ќе почне изградбата на фабриката за медицинско стакло која според најавите ќе вработи 180 лица чија плата нема да биде помала од 40 илјади денари.