Вело тура за култура во Прилеп
И годинава по втор пат во Прилеп се одржа настанот „Вело тура за култура“ во организација на НВО ОРИОН Глобал заедно со голем број други вљубеници во велосипедизмот. Идејата на овој настан е преку промоција на здравиот начин на живот, велосипедизмот, да се посети и да се промовира и нашето културно наследство. Оваа година турата започна од најновата поставка на прилепскиот музеј – „Роднокрајно музичко творештво.
„Во оваа поставка има околу 200 предмети кои се од познати музички дејци, некои од нив се се уште живи и со радост ги донесоа своиите предмети и се верни наши пријатели. А додека други, на кои што можам да им оддадам огромна почит нивните роднини и пријатели, семејствата ги донесоа предметите и нивните витрини се исто така изложени тука“, истакна Лилјана Неделкоска, библиотекар во Завод и музеј Прилеп.
Турата од тука продолжи кон селото Долнени каде учесниците на овој настан ја посетија Спомен куќата на Пеце Атановски, најпознатиот македонски гајдаџија.
„Инструменталист, играорец, песнопоец, предавач на разни семинари во Македонија и странство кој оставил длабоки траги кои ќе се споменуваат со години“, додаде Горан Василески, секретар на Фестиивалот „Пеце Атанасовски“.
За да атосферата биде комплетна се слушна и звукот на гајдата. Организаторите велат дека ова е една иницијатива со која се сака да се направи нешто повеќе Општина Прилеп.
„Само преку заедничка акција, кое што е и мотото на ОРИОН Глобал, дека мора да ги вклучиме граѓаните директно во акција, само така може да направиме нешто за да ја афирмираме општината, презентираме и превенираме културата“, изјави Мартина Билјаровска, ОРИОН Глобал.
Турата од Долнени продолжи кон најуникатниот музеј во Македонија, а тоа е Музејот за тутун, кој што е еден од трите најголеми вакви музеи во светот.
„Музејот е формиран во 1973 година, а поводот е многу значаен 100 години од тоа како тутунот станува бизнис, градбата на камениот магацин и 400 години од како тутунот за прв пат е засаден на овие простори 1573 година во рамките на Отоманската империја“, вели Александар Цветкоски, кустос во Музејот за тутун.
Учесниците на турата велат дека овој настан треба да продолжи и во иднина, затоа што голем дел за прв пат ги посетија овие значајни музеи.
„Предлагам во иднина да се спроведуваат и други вакви тури. Има интересни теми и работи кои треба да се дознаат, ги имаме во нашиот регион, а не ги ни знаеме“, изјави Филип Илиоски, претседател на здружение „Маркови Точакџии“.
Организаторите планираат овие настани да продолжат и во иднина се со цел поголема промоција на нашето културно наследство.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар