Македонија
15. October 2022 - 16:33

Саем во Прилеп за Меѓународниот ден на руралната жена

Со саем на земјоделски производи и ракотворби денеска под Градскиот саат во Прилеп се одбележа Меѓународниот ден на руралната женат во организација на ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

„Се надеваме дека навистина ќе се афирмира улогата која жените ја имаат во земјоделскиот сектор ќе се обезбеди поддршка да се вреднува нивниот труд и земјоделскиот сектор да стане профитабилен сектор, а нивните бизниси одржливи“, рече Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Жените од Прилеп, Крушево и соседните општини велат дека руралните жени се соочуваат со далеку поголеми предизвици за разлика од урбаната жена, а нивниот труд не бил доволно вреднуван како во другите сектори.

„Треба државата да има во предвид дека со одрена специфична насочена кон жените од руралните средини може да го извлече тој потенцијал. Но за тоа треба специфични мерки за тие мали семејни домаќинства кои што имаат потенцијал да прераснат во големи бизниси“, рече Гордана Цветаноска, земјоделка.

Жените земјоделки велат дека не е проблем тие да произведат, но потребна им била помош од државата за да се најде пласман на нивните производи.

„Државата треба да помогне финансиски, ако ништо друго барем овие производи да ги доставуваме до трговските мрежи“, истакна Елизабета Божиноска, здружение „Крушевска жена“.

„Многу имаме проблем со пласманот, не можеш ти да се грижиш и за произведување и за пласман. Да има пласман јас би го дала и со пониска цена. Јаболка имам 4 тони, 500 кг. дуњи, но немам пласман“, вели Павлина Јованоска, земјоделка од Прилеп.

Дел пак кои се имаат пробиено на пазарот велат дека единствено им недостига тоа што субвенциите државата ги давала многу доцна.

„Ситуацијата сега е добра, цената расти и на млекото расти, исплатливо е, а штом нешто се работи со љубов мора да се најде начин да се исплати“, кажа Бети Кузманоска, земјоделка од Прилеп.

Присутни беа и учениците од прехрамбената и земјоделската струка при СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп.

„Имаме доста деца од рурална средина, девојчиња кои го пронајдуваат својот иден позив понатаму. За да понатаму си остварат свој бизнис, си направат свое стопанство“, додаде Анита Галеска, професор по стручни предмети.

Организаторите се надеваат дека руралната жена со сите овие манифестации и апели конечно ќе го добие заслуженото место во општеството.