Доделена третоноемвриската награда во Прилеп
На свечена седница на Советот на Општина Прилеп, вечерва, беа доделени третоноемвриските награди. Наградите се доделуваат секоја година по повод Денот на ослободувањето на Прилеп, а годинава се навршуваат 78 години од конечното ослободување на Прилеп од фашистичкиот окупатор.Седницата ја отвори претседателот на Советот, Дејан Проданоски, кој го додели наградите заедно со градоначалникот Борче Јовчески. Наградата за животно дело – златна плакета ја доби Кирил Гегоски – ликовен уметник, за животни достигнувања и афирмација на уметноста.
„Оваа награда е добиена од Вас, од сите нас, така јас ја чувствувам. И е најголема е највеличенствена. Моите слики најдоа еден збор, сега пред еден месец, величенствени слики. Јас сега тој збор го користам. Од сите претходни награди кои сум ги добивал за мојата творечка работа затоа што е од мојот роден град Прилеп, истовремено им честитам и на другите вечерва кои беа наградени“, истакна Кирил Гегоски – ликовен уметник, добитник на Наградата за животно дело, златна плакета, за животни достигнувања и афирмација на уметноста.
Градоначалникот Јовчески потсети за значењето на овој ден и тоа дека никоаш не треба да го заборавиме делото на борците од НОБ, кои ја донесле денешната слобода.
„Денес оддаваме почит на хероите за нивната жртва за тоа што ги дадоа своите животи за слободна и самостојна Македонија и за ослободување на нашиот град од фашистичкиот окупатор. 78 години подоцна стоиме тука и имаме воспоставено традициија на овој голем ден за Прилеп и прилепчани каде оддаваме признавање на граѓаните чиј индивидуални и колективни достигнувања придонесле за подобрување на животот во нашиот град. Епитетот на Град Херој со гордост го носиме и е нераскинливо поврзан со живиотот во Прилеп во минатото, сега, а сигурно ќе влијае и на иднината на нашите најмили“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Награди – плакети по повод 3-ти Ноември добија ЊУ ЏЕНЕРЕЈШН, здружение за модерни танци, Клубот за боречки спортови и рекреација „7-ми Мај“, Шаховскиот клуб „Прилеп, Компанија ГРАБИТ, за особен придонес во развојот на ИТ технологијата и локалното стопанство, TUNING CAR SHOW,спортско туристичка манифестација, ФОТО КИНО КЛУБ ПРИЛЕП.
Награди – дипломи по повод 3-ти Ноември се доделија на Сузана Спиркоска, одделенски наставник, Весна Шеремткоска, за особен придонес во развојот на литературното творештво, Душко Темелкоски, за особени постигнувања во областа на археологијата, Вања Ѓорѓиоски и Фросина Ацевска, а зосвоено 1 место на Светско финале на Меѓународниот натпревар по англиски јазик – Хипо, Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески, ракометни судии, за особени достигнувања и афирмација на спортот, Менче Настоска Кадинец, доктор од областа на медицината за особен придонес и унапредување на квалитетот на здравството во Прилеп и Мирослав Димитриески, доктор по земјоделски науки – за особен придонес во стручно-научната истражувачка работа.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар