Македонија
17. December 2022 - 16:36

Секоја година се помалку пари за археологија

Поради неодвојување на доволно средства за конзервација на археолошките локалитети од страна на државата нашето културно богатство останува непрезентирано пред пошироката јавност, а пак за развој на културниот туризам не може да стане ниту збор. 

Археолозите велат дека секоја година се помалку средства се одвојуваат за археологијата, но и тоа што ќе се пронајде со тие малку пари за жал останува затрупано под земја или е оставено на забот на времето, поради тоа што нема конзервација. Освен во археологијата проблем со конзервација има и во другите сфери.

„Конзервацијата на пронајдените објекти тапка во место. Ние чекаме грантови од некоја амбасада за да добиеме средства за конзервација, не зборувам тука само за објекти на археолошки наоѓалишта туку зборувам и за фрескоживописи во нашите византиски цркви и за други градби. Средствата за конзервацијата реба да бидат 5 пати поголеми од средствата за самото археолошко истражување затоа што тоа е многу по скап процес“, истакна Душко Темелкоски, археолог во Завод и Музеј Прилеп.

Конзерваторите велат дека дури и да се одвојат средства тие се толку малку што со такво темпо еден објект наместо во една година ќе треба да се конзервира во неколку. 

„Во конзервацијата не се даваат воопшто доволно средства. Да не одиме со бројки конкретно, ако пример ниие побараме 1,5 милиони денари, добиваме само 300.000 денари. Што е незначајно, тоа се толку мали сегменти. Значи еден објект, како што беше последниот истражен објект, пример агората во Стибера, како што стојат работите ќе треба да се конзервира во 3 или 4 години, што не е добро за еден објект. И дали воопшто на крај дали ќе има пари да се заврши тој објект“, рече Кире Јованоски, архитект конзерватор во Завод и Музеј Прилеп.

Секое пак одложување на конзерцијата не само што ги уништува пронајдените објекти, туку и го поскапува конзервирањето.

„Знаеме дека во Македонија има локалитети кои датираат од пред нашата ера, со одлични движни наоди, мермери, кои што стојат површината незаштитени, барем одредени и се разградуваат. Ако оваа година требало одредена сума, следната година ќе треба повеќе затоа што ќе се разгради тоа“, додаде Јованоски.

Доколку не се конзервира културното наследство штом се пронајдува може да се уништи до степен да не може се поврати.