Земјоделците со поддршка за потегот на Владата, тврдат дека и замрзнатата цена е висока
Асоцијацијата на земјоделци на Македонија ја оправдува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот на 33 денари. Велат дека дури и оваа цена била висока.
Сметаат дека пекарите ја злоупотребувале целата ситуација и дека и со оваа цена на лебот тие биле рентабилни и не биле во загуба. Бараат итни преговори помеѓу Владата и производителите на леб за надминување на ситуацијата.
„Во овој случај мислам дека нема да изгубат преработувачите на леб со 33 денари, сигурен сум затоа што ако погледниме, не само во Прилеп туку во цела Македонија, ќе дојдеме до заклучок дека цени имаме денес каде се продава леб од 30 денари, 28 денари леб“, истакна Перо Стојкоски, Асоцијација на земјоделци на Македонија.
Пекарите пак остануваат на ставот дека цената од 33 денари не била реална. Дел од пекарниците велат кај нив цената на струјата не играла воопшто никаква улога. А дел од нив пак немале поднесено ниту барање за субвенции за електрична енергија. Велат дека ќе произведуваат леб и ќе го продаваат само од нивните објекти за да немаат трошоци.
„Во градов ако денеска се договоривме од утре би почнале со работа.
-Вас ви одговара цената од 33 денари?
Ми одговара, но ќе продавам само од шалтер. Нема да носиме по маркети, ќе работам само од шалтер за муштериите, тие што ќе дојдат. По 33 денари, бидејќи нема да платам шофер, гориво, нема рабат на дел од пекарите“, вели Владимир Апостолоски, сопственик на пекара.
„Има некои пресметки во владата дека 26 денари е цената на лебот по коштање. Но тука немаме амортизација, немаме кредити, немаме поврат на лебот, што реално оваа цена ние како пекари не можеме да ја издржиме“, кажа Александар Ристески, сопственик на пекара.
Дали и какво производство на леб ќе имаме останува да се види од новите средби помеѓу пекарите и Владата.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар