Македонија богата со скапоцени минерали, но нема законска регулатива за продажба
Иако прилепскиот регион го има корундот, еден од најпознатите рубини во светот, а исто така во рудниците за минерали може да се најдат и сафири и смарагди за жал продажбата на овие скапоцени камења кај нас воопшто не е регулирана со закон.
Според геолозите Македонија од ова не гледа никаков бенефит затоа што целото наше богатство се изнесува по тајни канали на црниот пазар.
Македонскиот рубин може да се купи на различни страници на интернет. Пример ова необработено парче од 63 грама се продава за 2.500 евра. Други помалку чисти и вредни по 1.200 евра.
„Неговата вредност се мери во карати, еден карат е 0.2 грама, а еден карат обработен може да биде од 100 до 200 долари. Вакви груби примероци, зависно од начинот на обработката, секој различен примерок има различна цена во зависност од квалитетот и чистината. Вакви примероци ние ги гледаме во збирките во музеи кои коштаат многу повеќе, отколку што се продаваат овде, некој примерок може да вреди од 2 до 3 илјади евра“, додаде Дамески.
Во прилепско има околу 15 рудници за архитектонски камен, каде се најдуваат скапоцените камења. Таму примарно се ископува мермер, гранит, оникс и друго. Проблем е и тоа што годишно од прилепско се ископуваат минерални суровини во висина од околу 70 милиони евра, а Општина Прилеп од тоа добива мизерни само околу 1% или од 600 до 700 илјади евра и плати за околу 1.500 луѓе кои работат во овие рудници. Според експертите и тука се потребни итни промени.
Засега скоро и да нема рекултивација на рудниците, за да не останат само пусти подрачја после нивното искористување. Во дел од нив пак се вршела некоректна експлоатација, односно за да побрзо се дојде до најдобриот материјал се вршеле темелни минирања при што се уништувал голем дел од минералната суровина која не е со најдобар квалитет, но сепак може да се продаде по пониска цена и за која може да се наплатат даноци.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар