Македонија
10. May 2023 - 17:04

Треба ли да се намали границата за кривична одговорност на 12 години?

Деканката на Правниот факултет при штипскиот универзитет, Олга Кошевалиска се противи на намалување на границата за кривична одговорност во македонското законодавство за деца под 14 годишна возраст. Смета дека монструозниот чин во основното  училиште во Белград е резултат на тоа што потфрлил системот и не препознал навремено дека постои булинг или врсничко насилство.

Под 14 години нема кривична одговорност, затоа што се смета дека детето се уште нема оформено свест за да може да му се прекори заради тоа што го има сторено. Во конретниот случај во Србија се виде дека детето истражувало на интернет до кога ќе биде кривично неодговорно за тоа што го сторило, меѓутоа има други начини со кои тоа може да се предвиди, изјави Олга Кошевалиска.

Примарна улога треба да имаат мерките за помош и заштита, креирање и зацврстување на правилните вредности кај младите, но и преземање на мерки за превенција.

Во прв чекор вработување на повеќе педагози и психолози во стручните служби во училиштата, коишто реално би имале шанса да работат со децата. Да имаат можност од прво до деветто одделение да разговараат со секое поединечно дете во школото и да имаат некаков предвид за нивната анксиозност, нивното однесување, дали е проблематично или пак да стимулираат однесување кое манифестира натпреварувачки дух и слично, додаде Кошевалиска.

Најдобар начин да се канализира негативната енергија и еуфорија, според Кошевалиска, е преку ангажирање на младите во спортски активности кои мора да се организираат во училиштата, но и надвор од нив.