Македонија
11. May 2023 - 12:22

Над 2 милиони прегледи на дигиталниот речник на македонски јазик

Над 2 милиони лица ширум светот само минатата година ги користеле услугите од бесплатниот дигитален речник на македонскиот јазик. 

Дигитализацијата е иднината на еден јазик, зашто го прави достапен насекаде, но и ја промовира македонската култура во целина. Првичната верзија е поставена пред 14 години, но треба постојано да се обновува и надоградува, зашто јазикот е жива материја, вели основачот и поранешен штипјанец Шинаси Деребеј.

Јазик или речник кој постојано не се „апдејтира„ или не се обновува е мртов јазик. Јазикот е заеднички проект и не постои една инстанца која само по себе ќе ги реши проблемите. Сите мора да бидат инволвирани, особено поради тоа што Македонија е мала земја, нема толку големи ресурси, изјави Шинаси Деребеј, основач на дигитален речник на македонски јазик. 

Македонскиот јазик не се брани со мавтање бајрак, туку со макотрпна работа, за луѓето да имаат долгорочен бенефит. Линвистиката е наука, а не политика, додаде Деребеј. 

Во моментот Бугарија тврди дека македонскиот јазик бил бугарски дијалект. Постои конкретна математичка методологија со која може да се докаже дали е тоа вистина или не. Овде може компјутерската лингвистика да помогне, да се заштитат тие работи, црно на бело, изјави Деребеј.

Дигиталниот речник има над 75.000 зборови, нуди синоними на одредени поими или барање наводи за употреба на некој збор во книженоста, што во огромна мера им ја олеснува работата на учениците, студентите и лицата кои професионално се занимаваат со литература.