Преку вмрежување на институциите до напредок на државата
Само преку вмрежување на институциите и нивна зголемена соработка во иднина ќе биде можен напредокот на државата. Ова беше темата на работилницата на која денеска во Прилеп дебатираа претставници од различни сфери. Особено беше нагласена досегашната соработка помеѓу МВР и образовниот сектор што се покажала продуктивна, особено сега после настаните во Србија. Таа соработка требало да се зајакнува.
„И превентивно да делуваме во насока на сите тие ризици кои се во делот на воспитувањето и образованието, а тука вклучувајќи го секако и семејството како една од клучните и најважни алки во целиот овој процес, затоа што не е фер да ги префрлиме сите работи само на образовните институции во овој период и тие да бидат одговорни за сето тоа што ние како луѓе или како семејства не сме направиле“, истакна Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Економскиот сектор во ова вмрежување гледа шанса за зголемување на продуктивноста на трудот, раст на животниот стандард и стопирање на иселувањето.
„Треба преструктуирањето да се направи целосно и од страна на државата и од страна на работниците и од страна на работодавците и само сите три елементи заедно вклучени, каде отворено ќе разговараме за сите проблеми тогаш, ќе придонесеме за продуктивноста на трудот да се зголеми“, Ирена Јакимоска, сопственик на приватна компанија.
„И компаниите и земјата да се направат атрактивни за генерациите и младите што одат да работат во странство да се отвори обратен процес и да се враќаат во земјата“, истакна Глигор Бишев, претседател на Советот за образование и економски истражувања при Стопанска комора за Македонија.
На денешната дебата на Економскиот факултет во Прилеп учествуваа претставници на полицијата, армијата, научната јавност и бизнис секторот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар