Македонија
14. May 2023 - 16:31

Дебата „За и против влез на Македонија во ЕУ“ - условот културата и историјата дел од преговорите неприфатлив

За или против влез на Македонија во ЕУ, беше тема на дебата помеѓу студентите од Правниот факултет при штипскиот Универзитет. Името, културата и историјата не смеат да бидат дел од преговарачкиот процес, сметаат младите кои се противат на членството.

- Најпрво се повикуваме на заклучоците од арбитражната комисија формирана од ЕУ на 15-ти јануари 1995 година, кога е заклучено дека нашето име не претставува никаква територијална закана и тоа не треба да биде пречка за наш влез во ЕУ, но подоцна ова прашање влегува во преговарачката рамка. Исто така, се задржуваме на прашањата кои се дел од културата и историјата кои не треба да бидат дел од преговарачката рамка, бидејќи тоа се прашања од УНЕСКО и затоа сметаме дека ЕУ треба да покаже солидарен однос кон нас и да ги елиминира овие прашања, изјави Марија Николова, студентка на Правен факултет – УГД - Штип.

Зголемена економска и политичка стабилност, подобрување на образовниот и здравствениот систем, се аргументите на студентите кои се за влез на Македонија во Унијата.

- Ќе имаме зголемен број на странски инвестиции, коишто ќе можат да тргуваат без царини или трговска бариера. Ќе имаме подобрување во образовниот, како и во здравствениот систем за привлекување на квалификуван кадар од останатите европски држави, а ќе имаме и пристап до лекови и технологии, изјави Теодор Глигоров, студент на Правен факултет  – УГД - Штип.

За полноправно членство, земјата треба да има стабилни институции кои ја гарантираат демократијата и владењето на правото, функционална пазарна економија, како и капацитет да се справува со конкурентскиот притисок и пазарните сили на Унијата.