Нова акција на невладините за решавање на проблемот со јавен превоз за Мариово
Свечено беше пуштена во употреба новата линија на градскиот јавен превоз од Прилеп до мариовското село Витолиште, на која главно превозно средство ќе бидат магарињата, бидејќи автобуси тука не собраќаат повеќе од 10 години. Со овој сатиричен граѓански активизам НВО СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп посочи на тоа дека овој крај иако можеби има малку жители, во опасност е целосно да замри бидејќи превозот е еден од основните предуслови за било каков развој. Приватните превозници немаат интересен да организираат превоз до тука поради малиот број на жители, затоа се бараат субвенции.
„Не се работи само за жителите на овие села, бидејќи мариовскиот регион е еден од најживописните во Македонија и нуди услови за развој на алтернативниот туризам, органско производство на храна, тука е прочуеното биеното сирење, мариовскиот мед, има многу луѓе кои повремено доаѓаат тука, се занимаваат со сточарство, пчеларство, доаѓаат како туристи“, изјави Весна Шапкоски, извршна директорка на СТАНИЦА П.Е.Т.
Еден од последните помлади жители во припепскиот дел на Мариово, Спасе Чакрески од селото Витолиште, вели дека преостанатите околу 200 жители во овој крај поради немањето на превоз неможат да си набават основни намирници за храна, ниту пак да стигнат до лекар или да завршат некаква работа во Прилеп.
„Основните намирници ги немаат тука, ниту здравствени услуги и мораат да патуваат до Прилеп. Единственото патување е ако некој сака да го однеси на добра волја или останува да си викнат такси превоз. Пример селата Полчиште и Бешиште, две подалечни населени места каде нема асфалт, таксисти на тие жители им бараат и по 2.000 и нешто денари и тоа во еден правец. И ако направиме една паралела денес на пример со авион до Париз или Амстердам карта чини 30-тина евра, а овде за да стигне до основните намирници му требаат над 40 евра“, истакна Спасе Чакрески, жител на с. Витолиште.
Од Општина Прилеп истакна дека веќе била донесена одлука во текот на летото да се распише оглас за јавен превоз не само во Мариово туку и за други населени места во Општината кои во моментов не се поврзани со градот со автобуски линии, да се пријават компании кои сакаат да возат до таму, а Општината ќе го субвенционира горивото.
Се планира од септември да започнале да возат линиите по населените места. Од НВО СТАНИЦА П.Е.Т. информираат дека при оваа акција, која е од симболичен карактер, не е применето никакво дејство на нехуман третман спрема вклучените животни.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар