Заврши фестивалот „Пеце Атанасовски“
Изворниот оркестар „Осоговски извор“ од Оризари ја доби Гран при наградата на 49-от Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што викендов се одржа во Прилеп и Долнени, додека пак наградата „Гајдата на Пеце“ ја освои гајдаџијата Роберт Митров од Фолклорниот ансамбл „Велигденски цветови“ од село Јаргулица, Радовиш.
На годинешниов Фестивал учествуваа околу 300 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија, како и гости од Србија и од Бугарија. Фестивалот уште еднаш докажа дека е чувар на сонот на неговиот основач, а тоа е зачувување на фолклорот и нашата традиција. Се повеќе млади со гордост ги свират народните инструменти и ги пеат песните на нашите предци.
„Ја сакам традицијата поради сета таа нејзина бујна разновидност и заради нејзините специфичности низ различни региони во нашата земја. И се разбира затоа што таа е наша, македонска традиција“, вели Јана Грујоска, учесник од Струга.
„Јас свирам на гајда, го одбрав тој инструмент бидејќи како мал сакав многу да свирам на изворните инструменти. Започнав прво да тропам на тапан на мои 3 години, но сепак гајдата ми е подрага бидејќи има милозвучен тон“, додаде Огнен Радуловиќ, КУД „Илинден“ од Битола.
„Започнав прво со играње, потоа ми дојде мерак за кавалот, започнав да го учам сам дома од интернет, со тек на време го усовршив инструментот, па се префрлив на зурла и кларинет, па потоа и други дувачки инструменти“, кажа Илија Неделкоски, КУД „Илинден“ од Битола.
Годинава по 13-ти пат во рамки на Фестивалот се одржа и неколку дневен семинар за народни песни и инструменти каде младите го надоградуваа своето знаење.
„Се научивме на многу нови техники за гајдата, многу нови ора научивме, си поминуваме прекрасно, а сега ќе може да слушне публиката и што тоа сме научиле. Гајдата ја сакам бидејќи е прекрасен инструмент и тоа е тоа нашето, македонско“, изјави Стефан Трајковски, учесник на Фестивалот од Скопје.
И организаторите на Фестивалот се задоволни од одзивот на младите да бидат дел од една ваква манифестација.
„Секако младите генерации се повеќе се заинтересирани да ги изучуваат народните инструменти, народните песни, затоа што во последно време некако и преку овој фестивал и преку семинарот кој се одржува во рамките на овој фестивал, младите дознаваат дека овде, на овој Фестивал, не само што учествуваат групи од цела Македонија туку и дека ние ги едуцираме сите што се заинтересирани“, вели д-р Стојанче Костов, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје.
„Годинава имаме многу млади учесници. Тие го негуваат нашиот изворен фолклор од местата од каде што доаѓаат. Тука е и семинарот за изучување на народни песни и инструменти, него го посетуваа деца од Скопје и Прилеп“, истакна Родна Величкоска, уметнички директор на фестивалот.
В година е 50-тото јубилејно издание на Фестивалот за кога се подготвува досега најголемо и најсвечено одбележување на овој најголем фестивал од ваков тип во Македонија.
„Целта ја остваруваме – се негува, се зачувува и се пренесува богатиот изворен мелос на новите генерации. Сѐ повеќе млади ни доаѓаат. На прагот сме на петтата деценија од одржувањето на Фестивалот и горди сме што даваме придонес во негувањето на богатиот изворен мелос“, рече Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар