Експресниот пат Градско - Прилеп ќе биде готов во јули, но следната година
Доцни изградбата на експресниот пат Прилеп-Градско. Според најавите патот требаше да биде готов оваа година во јули, а денеска пристигна ново ветување од Владата дека ќе бидел готов идната година ова време. Патот е поделен на три делници, Градско-Дреново, Дреново-Фариш и изградба на трета лента на Плетвар онаму каде што недостасува. Но ниту една делница воопшто не е при крај, а изградба на трета лента на Плетвар таму каде што нема и проширување на патот Прилеп до Ленишки мост засега нема ни во најава. Нема одговор кои се причините за доцнењето, ниту дали за тоа изведувачите ќе сносат пенали.
„За само 2 години имаме преку 40% прогрес на овој пат, за да денеска дојдеме на 75% и нашите очекувања се дека со ваква динамика, вакво темпо ќе го завршиме на почетокот или најдоцна средина на 2024 година. Со што ќе биде пуштен во употреба“, истакна Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Делницата Дреново-Градско се гради со пари од ЕУ. Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека од 2007 до денес ЕУ вложила во Македонија околу 500.000 млиони евра во инфрастгруктурата, а многу повеќе Фондови ќе ни се отвореле кога ќе станеме членка на ЕУ.
„Тоа значи повеќе работни места, подобрени животни стандарди, зголемена трговија и се разбира поголеми деловни можности“, рече Дејвид Гир, Евроамбасадор во Македонија.
Тука треба да се гради и автопатот Прилеп –Битола, но и од тоа нема засега ништо иако свечено беа поставени камен темелниците на коридорите 8 и 10Д, а компанијата Бехтел и Енка досега има добиено 167 милиони евра.
„Моментално се вршат геомеханичките истражувања на делницата Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Кичево. Истовремено се подготвуваат и елаборатите за експропријација, денеска или утре ќе бидат одобрени и сите проектанти за проектирање на сите траси и патните коридори“, рече Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП.
Инаку патот Прилеп – Градско е единствен пат кој ја спојува Источна и Западна Македонија, освен преку Скопје. Дневно од тука поминуваат над 6.000 возила.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар