Компаниите бараат образование кое ќе произведува работна сила
10 компании од Пелагонискиот регион понудија вработување за 350 лица на Отворениот ден кој се одржа на Економскиот факултет во Прилеп, во организација на Универзитетот Свети Климент Охридски, а настанот е поддржан Италијанската невладина органзиација COSV во рамки на проектот ЕНТЕГ. Целта е преку вакво вмрежување на бизнис секторот, академската заеница и граѓанскиот сектор да се овозможи вработување на младите и стопирање на нивното иселување од државава.
„Треба поголема вклученост на сите организации во креирањето на јавните политики, во креирањето на уписните политики, во креирањето на слободни работни места. Всушност треба бизнис секторот да е во согласност со академската заедница, да се креираат уписните политики според тоа“, истакна Дања Димовска Микаровска, проектен менаџер на COSV-подружница Прилеп.
„Покрај индивидуалните напори кои си ги прават компаниите, овде на едфно место ги собираме сите потенцијални студенти и невработени каде што ќе може да си најдат работно место“, вели Маријана Милевска, директор на Преда+ фондација.
Компаниите во Македонија како никогаш досега се соочуваат со недостиг на работна рака и сметаат дека тоа може да се реши само доколку образованието нуди работна сила која му е потребна на бизнисмените.
„Треба да креираме општество и образование кое што ќе креира работна сила за потребите пред и се на приватниот сектор. Можеме да направиме преструктуирање на работната потенцијална работна сила за потребите на приватниот сектор во овој момент“, изјави Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.
УКЛО веќе донел одлука луѓе од приватните компании да може да држат практични предавања на факултетите за да студентите бидат поподготвени за пазарот на труд. А во платена пракса на студенти се приклучиле и Општините Битола и Прилеп на кои исто така им треба соодветен кадар.
„Стручњаци од приватните компании да изведуваат практична настава на Универзитетот, ние наскоро ќе излеземе и со повик до нив и тие ќе можат да испраќаат свои кадри“, кажа ректорот на УКЛО, проф. Д-р Игор Неделковски.
„Праксата целосно ги исполни моите очекувања, навистина е важно што нашата теорија, тоа што сме го учеле сега можеме да го примениме во пракса“, додаде Стефани Цеуноска, практикант од педагошки факултет Битола.
„Се запознав со тоа како е да работиш со клиенти, на вистински проекти, како е да работиш со документи, како правилно да комуницираш,на правилен начин“, истакна Софи Гајтаноска, стгудент факултет за информациски и комуникациски технологии Битола.
Одливот на мозоци во Македонија според експертите единствено може да се стопира само преку вакви вмрежувања на сите надлежни чинители во општеството.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар