Македонија
12. October 2023 - 16:54

Измените во КЗ ги одложуваат рочиштата, Обвинителството не открива кои предмети застаруваат

Измените во кривичниот законик ги блокира судските предмети за злоупотреба на службената положба. Денеска, третпат по ред се одложи судењето за масовното прислушување. 10 минути пред почеток на рочиштето, во судницата наместо обвинител, пристигна известување со барање за одложување. Обвинителот ги разрешувал правните прашања отворени по доненсените измени. Ова, ги налути адвокатите, а жестокиот критички говор го правдаа клиентите - „Малку емотивен е адвокатот“, коментираше Мијалков. За одбраната, нејасно е зошто судот не презема санкции за обвинителите кои не доаѓаат на судењата.

„Измените стапија на 15 септември, сега сме 12 октомври, месец дена, став за што, за застареност која е евидентна? Не ми е јасно од кои причини Јавниот обвинител не доаѓа на главна расправа да го повлече обвинението за да може судот да донесе одбивателна пресуда со која ќе ја запре кривичната  постапка поради  настапување на апсолутна застареност. Не ми е јасно од кои причини судот го толерира ваквото однесување“, изјави Љупчо Шврговски, адвокат.

Дека на рочиште треба да дојде обвинител, е согласен и судот. Ќе бара од Јавното обвинителство на судењето во вторник да испрати обвинител кој ќе каже како влијаеле измените на Кривичниот законик. За одбраната нема дилема, велат, предметот за масовно прислушување е целосно застарен.

„Значи, сменети се описите на дејствијата на извршување, сосема нови описи се и од тие причини, Ние стоиме цврсто на становиште дека Јавниот обвинител нема опција, освен да го повлече обвинението – нема друга алтернатива“, вели Шврговски.

Засега ниту една институција не прецизира кои и колку предмети застаруваат со измените на Кривичниот законик донесени од владата, а за кои не беа прашани ниту во обвинителството, ниту во судскиот совет.