Македонија
10. November 2023 - 12:22

Медицински парадокс во Радовиш

Пензионерка од Радовиш скршила колк, па помош побарала во штипската клиничка болница. По операцијата на колкот, жената требало да плати околу 8 илјади денари, оти единствената пензија од која живеат таа и нејзиниот сопруг, е на негово име. Баже Костадинов, се обидел да го реши проблемот, но наишол на системски парадокс. Од ПИОМ му било објаснето дека жената е здравствено осигурана преку сопругот, но мора да си ја плати операцијата, независно што нема никакви примања.

- Нивната пензија е 13.600 денари, арно ама пензијата се води на мажот и. Значи, жената што и е опериран колкот нема апсолутно никакви примања, нема пензија, нема над 13 000, има 0 денари и живее од пензијата на мажот. И ми велат се е во ред, важи ова, ама само за мажот, оти тој е пензионер. Епа велам, од каде таа да даде пари, нема примања, нема жиро сметка, нема ништо, изјави Баже Костадинов од Радовиш.

Костадинов не ја бара вината во вработените во ПИОМ и во штипска клиничка болница, зашто тие ги следат пропишаните правила и прописи, но е револтиран од поставеноста на здравствениот систем, кој е најсуров кон набеспомошните.

- Како сега тие со толкава пензија ќе го платат колкот и како ќе преживеат или треба тие што немаат ниту осигурување, ниту пензија треба државата да ги отпише и да ги отепаме, не знам што треба да им направиме. Ова е стварно жално, додаде Костадиновски.

Населението старее, а здравствениот систем ќе мора да се реформира, зашто во спротивно, голем дел од граѓаните во третата доба нема да можат да си ги платат болничките услуги.