Македонија
13. November 2023 - 12:26

Македонија годишно одвојува само 1 милион евра за наука

Македонската научна фела државата ја финансира со еден милион евра на годишно ниво. Но,  ова се средства кои се наменети за сите научни проекти, вклучително и за платите на вработените во научните институти. Ако науката е двигател на едно општество, тогаш, инвестирањето или поточно неинвестирањето во неа, во многу говори за тоа каква иднина ја очекува една земја, смета универзитетскиот професор Рубен Голубовски.

-Фондот за наука од Министрството се дели за постигнати резултати преку публикувани трудови во претходната година, меѓутоа, тоа значи дека може максимално 1000 до 2000 евра научник да добие поддршка за публикуваните резултати. Е сега, ако ви кажам дека во списанијата што се со плаќање, публикувањето на еден труд чини повеќе од 2000 евра, тогаш можете да замислите колкава е таа поддршка- изјави проф. Рубен Голубовски  - УГД – Штип.

-Успехот на македонската наука пред се, се должи на ентузијазмот и индивидуалната жртва на еден научник и благодарение на тоа, засега успеваме високо да котираме во светските научни кругови.
На УГД- Штип, има автори кои што публикувале во списанијата Science and Nature. Тоа знаете што значи во науката? Исто како во тенисот да ги имаш Федерер и Ѓоковиќ, да ти играат за  ТК „Југ“. На тоа ниво е- изјави Голубовски.

-Научно истражувачката работа во Македонија во најголем дел се финансира преку гранд средства од странство, што како резултат го има одлевањето на македонската интелигенција.
Околу 250 студенти, до 2017-та година преку наш проект, земаа германски стипендии овде. Сите од нив заминаа, сите- додаде Голубовски.

Голубовски смета дека државата мора да инвестира многу повеќе, посебно во младите научници, за да ги мотивира и задржи во домашните лаборатории и институти.