Преглед на вестите од светот
Бројката жртви од разорниот земјотрес во Јапонија постојано расте. Најмалку 64 лица се загинати, а урнатините и оштетените патишта се уште ги спречуваат спасувачките служби да спроведат операции за пребарување и спасување на преживеаните, јавуваат јапонските медиуми.
По два изминати дена откако земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала предизвика огромна штета на инфраструктурата и пожари во градот Ваџима, во префектурата Ишикава, на брегот на Јапонското Море, но целосниот размер на оваа катастрофа е се уште непознат. Поради дождот кој, како што е најавено во подрачјата погодени од земјотресот, ќе паѓа до четврток, јапонската метеоролошка агенција предупреди на потенцијални одрони.
Јапонската војска (СДФ) користеше хеликоптери за доставување на основните материјали до отсечените области, а локалните власти побараа од централната влада да испрати дополнителен воен персонал за да помогне во спасувачките напори.
Епицентарот на разорниот земјотрес бил на околу 30 километри источно-североисточно од Ваџима на длабочина од 16 километри и регистрирал највисоко ниво од 7 единици на јапонската скала со сеизмички интензитет, наведуваат надлежните служби и потсетуваат дека ваков силен земјотрес бил последен пат забележан снимен во 2018 година на Хокаидо.
Ноќеска повеќе експлозии биле пријавени во Белгород.
Министерствотоо за одбрана на Русија соопшти дека противвоздушната одбрана елиминирала дванаесет украински дронови над пограничниот регион. Според наводи на руските власти, повредени нема.
Жители на Белгород на социјалните мрежи информираат за големи експлозии во градот. Во Белгород во саботата беа убиени 24 цивили.
Инаку, нападите доаѓаат откако вчера руски проектили ги погодија најголемите градови во Украина, вклучувајќи ги Харков и Киев, во кои, според локалните власти, загинале најмалку пет лица, а десетици се повредени.
Нападите уследија и откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ги засили нападите врз Украина како одговор на неодамнешните напади на Украина на руска територија.
Израелската армија денеска е во состојба на подготвеност за „секое можно сценарио“. Eден ден по нападот во предградието на Бејрут во кој беше убиен Салех ал-Арури вториот човек на палестинското движење Хамас. Либанската државна агенција јави дека Арури и уште три лица загинале во експлозија предизвикана од израелско беспилотно летало.
-Израелските сили се во состојба на многу висока подготвеност. . . и за одбрана и за напад. Ние сме целосно подготвени за секое сценарио.
Изјавата на портпаролот на израелската аремија Даниел Хагари е дека тие се фокусирани и ќе бидат фокусирани на борбата против Хамас.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар