Прилеп - со генерации горд чувар на обичаите и традицијата за Бадник
Прилеп останува горд чувар на традицијата, со голем број обичаи кои ги практикува за Бадник. И ова утро пеејќи ја традиционалната песна „Коледица Варварица“ коледарчињата од Прилеп затропаа на вратите од куќите, а од домаќините беа дарувани, со костења, ореви, овошје, но и по некое париче.
„Прво се собираме сите деца, потоа одиме по куќи и тропаме, викаме, пееме, а луѓето ни даваат костенчиња, оревчиња, мандарини, јаболка“, вели Тимеон Мирчевски, коледарче.
„Потоа на собраните работи што им правите?
Ги јадеме.
Не ги собирате да ги јадете заедно?
Па, понекогаш“, рече Андреј Станковски, коледарче.
„И што ќе си купиш со паричките?
Сок!
А мандарини јадиш, и ореви?
Јадам.
Што сакаш најмногу од овошјата?
Мандарини“, истана Петар Кржески, коледарче.
Во Прилеп оваа традиција се почитува како во ниту еден друг град во Македонија. Од 7 до 77, и млади и стари учествуваат во празнувањето на овие Божикни денови.
„Има навика и мажите прво да тропнат после коледарскиоТ оган, наутро да тропнат па да дадеме некое костенче, оревче за да можат да го задржат обичајот“, рече Лилјана Ацеска, жителка на Прилеп.
„Постарите си правиме една маса и тука се собираат и дечињата, жени, мажи, топлиме ракија, мезе, салати, музика си пуштаме“, кажа Снежана Тодороска, жителка на Прилеп.
Во црквата Света Петка пак за прв пат не само во Прилеп туку и во Македонија се организираше конкурс за ликовна и литературна творба на тема Рождество Христово или Божик. Учествуваа деца од 1 до 9 одделение поделени во 2 категори и беа доделени 12 награди. Пријавени беа над 250 учесници.
„Сакавме што повеќе и што поубаво да го приближиме празникот Божик на децата, навистина да го почувствуваат, да учествуваат во самиот празник. И така поторжествено сите заедно да го прославиме речиси најголемиот христијански празник Божик“, рече протоереј Љупче Петрески, в.д. старешината на храм „Св. Петка“.
Прилепските домаќинки од здружението „Преродба“ традионално ја подготвија посната Бадникова трпеза и раскажаа за големиот број обича и поврзани со овој ден.
„Масата се остава, ќе се фатат само тајнирчињата, а јадењето се покрива со фолија. Се верува дека Господ идел ноќе и ако ја најде празна масата ќе биде гладен и дома ќе биле луѓето гладни. Да биди полна, за цела година да биди полна масата со јадење“, вели Ленче Спиркоска, членка на здружение „Преродба“.
„Ја пренесуваме на младите и ги замолувам сите млади да ја видат нашата традиција како изгледа и тие да си почнат и истото да го повторат“, додаде Менче Милошеска, членка на здружение „Преродба“.
Во Прилеп пак нема празник или седенка каде не е вклучена и македонската песна.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар