Преглед на вестите од светот
Над 50 ракети беа истрелани денеска од Појасот Газа врз градот Нетивот, во јужен Израел, соопштија локалните власти. Нема извештаи за повредени, пишува „Тајмс оф Израел“. Нападот на Нетивот е најголемиот ракетен напад од Газа врз Израел во последните недели.
Ова доаѓа откако интензивните борби на израелските вооружени сили против исламистичката група Хамас на северот на Појасот Газа завршија, соопшти израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Хамас нема да може да контролира и да функционира како воена сила во Појасот Газа, а војската на Израел ќе има целосна слобода на дејствување да направи се што е неопходно за да ги брани граѓаните на Израел“, можеби ќе потрае подолго време, но ќе заврши со тотална победа, додаде тој.
Меѓународниот притисок врз Израел постојано се зголемува за да го намали интензитетот на нападите и да спречи масовни цивилни жртви за време на нападите во Појасот Газа.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утрово присуствуваше на состанокот со украинскиот претседател Зеленски на вториот ден од Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос.
Зеленски првпат ја објави својата мировна формула на ноемврискиот самит на Групата 20 големи економии. Неговата формула за мир бара враќање на територијалниот интегритет на Украина, повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата, како и ослободување на сите затвореници и притвореници. Украинскиот претседател во Давос се сретна со шефот на НАТО Јенс Столтенберг, а подоцна ќе се обрати на форумот.
Иранската револуционерна гарда изврши напади со балистички ракети врз повеќе „терористички“ цели во Сирија и во автономниот ирачки регион Курдистан. Во нападите се уништени „шпионски штаб“ на израелската тајна служба Мосад и „собир на антиирански терористички групи“ во Ербил, главниот град на ирачки Курдистан, објави официјалната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на соопштение на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ). Нападите врз цели во ирачкиот Курдистан се одмазда за убиството на генерал на Гардата во близина на Дамаск за кое Иран го обвини Израел.
Во нападите во Ербил загинаа четири лица, а шест се ранети.
Иранската револуционерна града, исто така, погоди цели во Сирија со балистички ракети. Воедно се додава дека нападот во Сирија бил одговор на неодамнешните напади на терористичките групи кои убија Иранци во јужните градови Керман и Раск.
Илјадници летови биле одложени или откажани бидејќи голем дел од САД беа зафатени од студен бран, температури под нулата и снег. Прекини се случиле на аеродромите на средниот запад и западот, но и на некои аеродроми на југот. Во Колорадо, на меѓународниот аеродром во Денвер, 25 отсто од летовите биле одложени, а 17 отсто откажани.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар