Loading Video...
Свет
25. January 2024 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека си „игра со животите на украинските затвореници“ по авионска несреќа во западна Русија. Тој бара меѓународна истрага по несреќата што се случи вчера во Белгородската област во близина на украинската граница.

Од друга страна, Русија соопшти дека нема преживеани и дека украинските сили го собориле авионот Ил-76 со 65 украински воени заробеници, шестмина руски членови на екипажот и тројца чувари.

Москва тврди дека Украинците биле во авионот заради размена на затвореници.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјавил дека Русија побарала итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации поради соборувањето на авионот во регионот на Белгород.

Два пати во рок од неколку часа Одеса беше нападната од руски беспилотни летала во текот на ноќта. Гувернерот Олех Кипер соопшти дека има две жртви, но не наведе детали за жртвите.

Тој исто така рече дека беспилотните летала погодиле индустриски објект во Одеса и дека во нападот биле оштетени станбени згради и цивилна инфраструктура.

Хаос настана за време на дистрибуцијата на помоштa во Газа, а додека жителите трчаа се слушаа пукотници.

Светската програма за храна соопшти дека многу малку помош во храна го надминала јужниот дел на Газа од почетокот на конфликтот со Израел, а деловите на палестинската енклава и понатаму се изложени на ризик од глад.

Портпаролот на израелската влада Ејлон Леви напомена дека „нема ограничувања за прием на хуманитарна помош“. Од друга страна Израелците протестираа, додека камионите со помош за Газа пристигнуваат на преминот Керем Шалом.

 

Меѓународниот суд на правдата (МСП) денеска информираше дека в петок ќе донесе одлука за привремената мерка што ја побара Јужна Африка во спорот со Израел во врска со неговата воена акција во Појасот Газа, вклучително и барањето еврејската држава да ја запре офанзивата на таа палестинска територија.

Одлуката на Меѓународниот суд на правдата е прелиминарна фаза на постапката иницирана по тужбата на Јужна Африка која смета дека акцијата на Израел против милитантното палестинско движење Хамас има карактеристики на геноцид врз Палестинците.

Израел, кој како и Јужна Африка е потписник на меѓународната конвенција за геноцид, одлучно ги отфрла овие тврдења и бара од највисокиот суд на Обединетите нации да ја отфрли тужбата.