Преглед на вестите од светот
По падот на рускиот воен транспортен авион во средата во регионот на Белгород, Украина и Русија се обвинуваат во Советот за безбедност на ОН. Инаку вонредната седница на Советот за безбедност на ОН се одржа на барање на Русија.
Рускиот заменик амбасадор во ОН, Дмитри Пољански, на седница на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, изјави дека според досегашните информации станува збор за „намерно, промислено злосторство“.
Украинската заменичка амбасадорка во ОН, Кристина Хајовишин, пак, ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека Украина не била информирана за бројот и видот на транспортно средство за превезување на заробеници, кои, според руската страна, загинале при падот на авионот.
Нема потврдени информациии од независни извори за тоа кого или што било траспортирано со авионот од типот Иљушин Ил-76. Руското Министерство за одбрана тврди дека во него имало 65 украински заробеници кои биле пренесувани на место каде требало да бидат разменети за руски заробеници. Во авионот, како што се тврди од Москва, имало и тројца чувари и шест членови на екипажот. Русија ја обвинува Украина дека го урнала авионот во регионот на Белгород со противвоздушни ракети од западно производство.
Украина бара независна меѓународна истрага за случајот.
Најмалку 20 Палестинци загинаа синоќа, а 150 се ранети во израелски напад додека чекале ред за храна во Газа, соопшти Министерството за здравство во Појасот. Портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кидра изјави дека бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми, бидејќи десетици тешко ранети луѓе се донесени во градската болница Ал-Шифа.
Израелската војска соопшти дека го истражува инцидентот, но повтори дека целта не била цивили.
Од почетокот на војната израелската армија убила повеќе од 25.700, а ранила околу 63.000 Палестинци во Појасот Газа.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека борбите продолжиле во Кан Јунис, каде припадниците на копнените сили убиле десетици борци на Хамас, пренесува The Times of Israel. Израелски воени авиони погодија неколку локации на Хамас во областа Кан Јунис, вклучувајќи станови што ги користат оперативците, складишта за оружје, набљудувачки пунктови и полигони за обука, соопшти армијата.
Околу 65.000 луѓе утринава останаа без струја во австралиската држава Квинсленд, откако тропскиот циклон Кирили од втора категорија ја погоди областа, носејќи обилни дождови и висок ризик од поплави.
без струја во градот Таунсвил останале повеќе куќи се уште не се знае кога ќе биде обновено снабдувањето, пренесува Ројтерс.
Метеоролозите прогнозираат дека циклонот ќе донесе силен дожд во делови од северен Квинсленд, со максимална брзина на ветерот од околу 90 километри на час.
Кирили е вториот тропски циклон што ја погоди областа од декември минатата година, кога циклонот Џаспер предизвика голема штета низ целиот регион.
Во меѓувреме, делови од Квинсленд и Нов Јужен Велс се прогнозира да достигнат 40 степени Целзиусови денес, што е многу над просекот за овој период од годината.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар