Преглед на вестите од светот
Неколку луѓе загинаа кога мал авион се урна во камп-парк на Флорида. Несреќата се случила синоќа и се претпоставува дека загинале патниците од авионот, како и жителите во камп приколките и мобилните куќи кои биле уништени од пожарот. Пилотот испратил повик за помош до контролата на летање и се претпоставува дека дошло до дефект на моторот.
Според локалните медиуми, станува збор за помал авион, но не се знае колку патници имало во авионот, ниту од каде полетал или до која дестинација летал.
Шефот на противпожарната служба Скот Елерс од округот Клирвотер, Флорида, рече дека има повеќе жртви во авионот и во камп куќите, но дека точниот број на жртви засега не е познат. Клирвотер е град со околу 117.000 луѓе на околу 40 км западно од Тампа.
Во голема експлозија на гас во кенискиот главен град Најроби загинаа најмалку две лица, а 222 се повредени.
Камион што превезувал гас експлодирал во областа Ембакаси околу 23:30 часот по локално време
Од пожарот оштетени се домови, деловни објекти и автомобили кои биле во близина. Се известува дека пожарот се проширил и низ неколку станбени комплекси. Многу од повредените имаат последици од вдишување и меѓу нив има најмалку 25 деца.
Бурата Ингун зафати големи делови од Норвешка, откажувајќи ги траектите, затворајќи патишта и оштетувајќи згради. Во Бодо, полицијата ги советуваше луѓето да останат дома заради нивната безбедност бидејќи силни ветрови и снег го зафатија градот.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека во текот на ноќта е поставен нов норвешки рекорд за просечна брзина на ветерот од 54,4 метри во секунда, измерен во Соемна покрај брегот во централна Норвешка.
И додека во Норвешка е студено, во Аргентина има високи температури. Граѓаните на Буенос Аирес се собираа на јавните тушеви за да се разладат додека земјата е зафатена од топлотен бран.
Аргентинската национална метеоролошка служба оваа недела издаде метеоролошка тревога за екстремни горештини во поголемиот дел од земјата. Се очекува во Буенос Аирес температури од 38 степени.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар