Македонија
31. May 2024 - 16:29

ОЈО го достави обвинението до Кривичниот Суд за убиството на Вања и Панче

Конечно готов обвинителниот акт за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. ОЈО го достави обвинението до Кривичниот суд против тројца обвинети кои се гонат за две кривични дела убиство и две дела грабнување, и за таткото на Вања, Александар кој се гони за помагање во грабнување.

Доставен е предлог за продолжување на мерката притвор за тројца обвинети, како и на мерката куќен притвор за таткото на Вања.

Тројцата соизвршители планирале грабнување на Вања за да изнудат откуп од нејзиното потесно семејство. Целата операција почнала на 22 ноември кога пред куќата на Панче Жежовски се обиделе да го принудат да им го даде неговиот автомобил „цитроен“. Физички го совладале, го врзале, го ставиле во багажник и го однеле во местото „Рудник“ кај Велес каде, според Обвинителот, од користољубие, на свиреп начин, го убиле со пиштол калибар 9 милиметри.

Пет дена подоцна, на 27 ноември по претходно добиени информации од таткото кога Вања сама ќе оди на училиште, почнала операцијата за нејзино грабнување. Тројца обвинети отишле пред влезот на зградата. Вратата ја отвориле со штрафцигер и ја чекале пред лифтот. Кога излегла, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика зашто ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент, па ја однеле на местото викано „Дупки“ кај скопското село Бразда. Таму Љупчо Палевски Палчо пукал во Вања со пиштол, по што телото го закопале во претходно ископана дупка.

На другата страна на селото, во близина на патот кој води кон аеродромот Стенковец, на земјен пат го запалиле „цитроенот“ на Панче.

Доказите кои ги поседува, според Обвинителството, се уште не можат да се споделат.

-Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал, велат од ОЈО.

Обвинителствот се уште го истражува и учеството на 46-годишнот скопјанец кој му помогна на Палчо од Белград да избега во Турција кадешто беше и уапсен.

Љупчо Палевски Палчо беше екстрадиран од Турција на 15 мај, а една недела подоцна беше изведен во Кривичниот суд. Под силно полициско обезбедување тој пред новинарите кажа дека не го извршил убиството, но не одговори дали го нарачал. Кажа и дека поседува докази, но не и какви се тие докази.