Македонија
6. јуни 2024 - 16:33

Мицкоски бара од Гаши да се извини за изјавата дека Косово е неговата татковина

Мандатарот Мицкоски побара претседателот на Собранието, Гаши да се извини за изјавата дека Косово била неговата татковина. Мицкоски вели, не ја чул изјавата, но доколку Гаши навистина кажал такво нешто, тогаш им должи извинување на граѓаните бидејќи плата земал од македонските даночни обврзници.

-Не сум ја слушнал изјавата на господинот Африм Гаши. Јас мислам дека неговата татковина е Македонија. И од тоа што јас сум го разговарал со Африм Гаши, сум слушнал лично од него дека наша заедничка таткова е нашата заедничка Македонија. За таква изјава не сум слушнал, но ако има таква изјава треба да им се извини на граѓаните на Македонија и тоа треба час поскоро да го направи. Бидејќи од тука зема плата и од страна на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците е избран за претседател на Собранието, вели Мицкоски.

Од кабинетот на Гаши молк. Оттаму не одговараат на прашањето на Сител дали Гаши ќе ѝ се извини на македонската јавност.

Во интервју за косовската државна телевизија, РТК, Гаши појаснувајќи за своето потекло кажа дека татковина му е Косово. Според собранискиот спикер, до 1990-та година немало никакви разлики, па потоа биле воспоставени административните граници меѓу земјите од поранешна Југославија. Косово била земја на неговите родители и сочувствувал со сè што се случувало таму, а општествените процеси ги следел со големо внимание.

Гаши на позицијата претседател на Собранието дојде на 28 мај. За него поддршка дадоа 76 пратеници, против беа шест, а воздржани немаше.  Предлогот токму тој да биде првиот меѓу еднаквите во Собранието дојде со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ.