Македонија
19. November 2024 - 16:36

Врсничкото насилство е најчесто меѓу основците, оваа година стигнале 30 претставки до омбудсманот

Алармантна е состојбата со врсничкото насилство, особено во основните училишта, предупредува омбудсманот. Само оваа година до нивната канцеларија стигнале 30 претставки за физичко насилство помеѓу ученици во училиштата. Наместо другарување, се користи насилство, вели заменик народниот правобраниетел. 

- Нашите посети во училиштата, разговорите со учениците покажуваат дека за жал многу често, насилството се користи како алатка за прикажување на моќ од страна на децата, да покажат доминантна состојба во училиштето и секогаш како жртви се наоѓаат или послабите деца, децата кои се поповлечени, а многу често и децата со попреченост и децата кои потекнуваат од посиромашни семејства, Васка Бајрамовска Мустафа- заменик народен правобранител 

Довербата на децата во стручните служби е на најниско ниво, и затоа не се пријавува некаков вид на насилство во училиштата. Освен родителите, треба да постои соработка на релација родител и наставник или директор, но и потребна е доедукација на службите. Во овие ситуации постапува и народниот правобранител.

Состојбата со врсничкото насилство е полоша од лани, а децата не ги познаваат своите права, ниту пак видовите на насилство. Во пресрет на Светскиот ден на детето Народниот правобранител денеска ја најави претстојната кампања за подигнување на свеста за промовирање на правата на децата и нивна заштита од насилство, вклучително и од врсничкото.