Македонија
17. December 2024 - 16:51

Груби недостапен, Судот му одреди 30 дена притвор

Директорот иницирал купување на видеоапарати, а вицепремиерот го прифатил предлогот. Поранешниот прв човек на Државна лотарија, Перперим Бајрами и екс вицепремиерот, Артан Груби се осомничени за сторено кривично дело, Проневера во службата. Според обвинителството, го оштетилете буџетот на државната лотарија за сума од над 8 милиони евра преку незаконска набавка на апарати за игри на среќа. Идејата за купување на видеомашините била на Бајрами, а таа експресно ја поддржал вицепремиерот Груби.

„Второосомничениот, иако знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа во јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада, и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка“, појаснуваат од Јавното обвинителство. Лотарија ги купила видеоапаратите, но тие никогаш не биле употребени, велат од обвинителството. Појаснуваат дека правото самостојно да организира електронски игри на среќа, Државната лотарија го нема од 2013 година.

Истрагата за двајцата поранешни функционери е иницирана од МВР и финансовата полиција. Вчера, Министерот Тошковски, рече дека во кривичната пријава биле наведени и поранешен премиер и екс генерален секретар на владата. За нив од обвинителството велат дека не се дел од истражната постапка за лотарија, но во тек биле проверки за други постапки наведени во кривичната пријава.

„Напоменуваме дека двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука, претседавал единствено сега осомничениот“, велат од обвинителството.

Со истрагата за Државна лотарија, се опфатени уште четири лица за кои обвинителството има основано сомнение дека ја злоупотребиле службената положба. Како претседател и членови на комисија организирале јавни повици за избор на приредувачи на игри на среќа.