Македонија
20. February 2025 - 16:40

Од денеска замрзнати цени и маржи, казните за непочитување се до 10 илјади евра

Од денеска треба да поевтинат над илјада производи. Вработените во маркетите од утринава редеа нови етикети низ рафтовите. Намалени цени има на повеќе прехранбени продукти, а најголем попуст од над 30% се забележува кај дел од средствата за хигиена. 

Спроведувањето на мерката ќе се следи будно.

„Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат од денеска се на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со Одлуките. Глобите за непочитување се движат од 500 до 10 илјади евра“.

Во меѓувреме, синдикатот пресмета дека минималната кошница месецов е за над 500 денари поскапа од претходниот. За да ги покрие основните потреби едно четиричлено семејство треба да потроши над 63 илјади денари. Најголем скок има во делот за храна и пијалоци.

„Согласно вредноста на сидникалната минимална кошница за февруари, трговците ги зголемиле цените пред мерката да стапи во сила. Повторно го искористија овој вакуум период од 15 јануари до сега за да направат своевидно зголемување на цените за потоа кога ќе ги намалат да личи само произволно дека се намалени, а повторно животот да ни биде скап и да не можеме да си ги дозволиме“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Премиерот најави дека државата ќе си направи и своја, официјална, потрошувачка кошница, велејќи дека му е чудно да се пресметува поскапо кафе, вонсезонско овошје и цигари.
Од друга страна, пак, СДСМ и денеска обвини дека паѓа животниот стандард.

„Со оргомните поскапувања секојдневието на граѓаните е сведено на борба за опстанок. Две минимални плати, веќе не се доволни за покривање на основните потреби. А власта одбива да ја покачи минималната плата на 500 евра“ - Даниела Колева, СДСМ

До крајот на април, со замрзнати цени и маржи до 5% ќе се продаваат лебот, млекото, брашното, јајцата, зејтинот, јогуртот и киселото млеко. До 10% маржа имаат месото, шеќерот, сирењето и кашкавалот, гравот, оризот, тестенините, додека свежото овошје и зеленчук, детергентите, бебешката храна добија 15 процентна маржа.