Македонија
7. March 2025 - 16:54

Одбраната на Палевски бара дополнително вештачење на чаурата од местото на убиството на Жежовски

Одбраната на Палевски денеска не можеше да ја најде снимката која требаше да му биде алиби дека кога другите обвинети за убиството на Панче и Вања го подготвувале убиството на Панче во Велес тој бил во Скопје. Плус немаа ниту софтвер за да може снимката да биде прочитана. 

Судијата Ивица Стефановски, не прифати дваесетина докази на Палевски бидејќи веќе биле изведени, по што Палевски побара иземање на судијата од предметот. Палевски тврди дека судијата не му овозможил фер одбрана, бил пристрасен и спречил да се бара оружјето со кое се извршени убиствата.

Затоа го барам ова изземање на судија кој крие оружје бидејќи не му одговараа на однапред донесена пресуда која е донесена на 05.12.2023 година од обвинителот Гаврил Бубевски и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Доживотната робија ниту ме плаши ниту влијае на мене, доказите кои судијата не сака да ги дозволи, не ги прочитал, а камо ли да ги цени. Не требаат докази кои се во корист на одбраната бидејќи пресудата е веќе донесена.

Одбраната на Палчо побара чаурата која била пронајдена покрај телото на Панче Жежовски од калибар 9мм да биде донесена во судот како физички доказ и да се спореди со базата на податоци на МВР. Побараа и дополнително вештачење за чаурата, а вештакот да дојде во суд. 

“Не можам да тврдам дали е од пиштолот на Боре Видевски, меѓутоа не може еден ден после убиството да најдете оружје кај луѓе што ги обвинувате, истото да го депонирате во депо во Велес, да го чуваат и да донесете во управна постапка одземање на оружјето, а притоа тоа оружје да не биде вештачено дали е со тоа пукано или не е. Зошто го поседуваат осомничени кои ги сомничат во тој период за убиство. “ изјави Јовица Страшевски, адвокат на Палчо. 

Од следното рочиште обвинетите за двојното убиство ќе започнат да ги даваат своите искази, а прв кој ќе треба да каже што се случувало на кобните денови, ќе биде обвинетиот Велибор Манев.