Мицкоски за паркингот на Клиника: Одлука на Влада нема, договор не е потпишан
Владата нема донесено одлука, ниту пак е потпишан договор со албанската компанија за паркингот на Клинички, вели премиерот Христијан Мицкоски. Ако граѓаните не сакаат нема ни да се потпише договорот со единствената пријавена компанија на повикот, но вели се е базирано на изработена физибилити студија од претходната влада. Го повика Градски паркинг Скопје кој сега стопанисува со паркингот да направат ред бидејќи Клиничкиот не функционира.
Опозицијата обвинува дека позади договорот со албанската компанија „Ѓока“ се крие огромен бизнис интерес.
- Скандалозно и срамно е што министерот за здравство ја правда зголемената цена на паркирањето во Клиничкиот центар со цените во трговските центри. Граѓаните ќе плаќаат 50 денари на час, а не 30 како досега за да одат на лекар. Ова е врв на безобразлукот – споредувањето на луѓе кои се борат за живот со потрошувачи во шопинг молови. Пациентите, меѓу кои и лица заболени од рак и други тешки болести, немаат избор – тие мораат да дојдат во Клиничкиот центар, а Владата ги уценува со високи паркинг цени, велат од СДСМ.
За Алијансата на Села, бараат управувањето со паркингот да остане во рацете на Клинички Центар, како поефикасен начин за заштита на јавниот интерес.
- Искуството покажало дека кога паркинзите се управувани од приватни компании, често доаѓа до зголемување на цените и лошо управување. Со задржување на паркингот под контрола на Универзитетскиот Клинички Центар, може да се обезбеди разумна ценовна политика во интерес на граѓаните, реагираат од АА.
Приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Ако го добие договорот, речиси двојно ќе поскапи паркирањето на Клинички и од сегашните 30 денари, пациентите ќе плаќаат 50 денари на час, а за возврат на државата ќе треба да и префрли само 1 отсто од годишните приходи.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар