Македонија
9. March 2025 - 16:37

Јанев: Контроли има, недостасува сообраќајна култура

26 годишник од Охрид е последната жртва на македонските патишта во изминатите 24 часа. Загинал во сообраќајка на патот кон Св Наум во охридската населба „Рача“.

„На 8 март во 13:45 часот, во СВР Охрид било пријавено дека се случила сообраќајка помеѓу моторцикл „Кавасаки“ со охридски регистарски ознаки, управуван од Ј.Ц (26) од Охрид и автомобил „Мазда“ со охридски регистраски ознаки управуван од Д.Н (76) од струшко Враништа. Во несреќата, на лице место починал мотоциклистот“, се вели во соопштението на полицијата.

Во меѓувреме, полицијата секојдневно пишува стотици казни за сообраќајни прекршоци на градските улици. Најчести се возење во алкохолизирана состојба, непропуштање пешаци, управување возило без дозвола, пречекорување на дозволената брзина. Се казнуваат и пешаци. Во Бирото за јавна безбедност сметаат дека засиленото присуство на полицијата влијае врз бројот на несреќи, иако како што велат, ниската сообраќајна култура се уште одзема човечки животи надвор од градските средини.

„Во урбаните средини каде што се зајакнати полициските патроли, бројот на сообраќајни незгоди е намален. Бројот на прекршоци е намален, бројот на детектирани и потенцијални прекршители е зголемен. Мерките кои ги применуваме си даваат соодветни ефекти, меѓутоа мене како граѓанин што ме загрижува, културата сообраќајна мора сите да ја промениме. Ние може да бидеме и на секоја точка, ако некој што ќе ја помине сообраќајната патрола повторно вози како ништо да нема на патот, навистина е тажно за сите нас“, изјави Александар Јанев, Директор на Биро за јавна безбедност.

За намалување на бројот на несреќи и сообраќајни прекршоци, полицијата во соработка со локалните власти и јавното претпријатие за државни патишта, вели Јанев, работат на подобрување на хоризонталната и вертикална сигнализација. Во завршна фаза е поставувањето и на камерите од системот „Безбеден град“, кој се очекува од почетокот на идната година да испраќа казни на домашна адреса.

„Сетот на законски измени се веќе пуштени во владина процедура, дел се уште се проверуваат како ќе се применат во пракса, а од технички аспект, најголемиот дел е завршен. Сејф сити детектира многу прекршоци, меѓутоа, тој е и за потребите на одржување на јавниот ред и мир и за потребите на криминалистичката полиција“, вели Јанев.

Како дел од автоматизираниот систем за детекција на сообраќајни прекршоци, во тек е собирање податоци за сопствениците на возила. При регистрација задолжително се бара мобилен телефонски број и електронска пошта на кои подоцна возачите ќе добиваат известувања за прекршоци регистрирани од камерите.