Привршува судењето за убиствата на Вања и Панче, завршни зборови на 2 јуни
Љупчо Палевски во последен обид да го убеди судот дека тој не ги убил Вања и Панче. На денешното рочиште предвидено за дополнување на доказна постапка, понуди пораки за платен паркинг и извод од банкарска картичка со кои сакаше да докаже дека тој не не бил во Велес на денот кога е убиен Жежовски. Го спореше и времето од снимките од камерите во домот на Велибор Манев бидејќи тврди дека во тој период, но со друго возило се наоѓал во Скопје.
„На прашање од судот, самите обвинители при презентација на снимките кажаа дека се во реално време, но откако беа обезличени со докази од наша страна дека лажат за снимките и не се од тој период, пробаа на шверцерски начин да го прошверцуваат тоа во јавноста дека снимките се еден час наназад за да избегнат дека се фатени во лага“, изјави Јовица Страшевски, Адвокат на Љупчо Палевски.
Палевски бараше во судницата да биде покажана и траката со која била залепена устата на Вања. Предложи како доказ да се изведат и дозволите за поседување оружје на Боре Видевски, а потсети и дека воопшто не е баран неговиот пиштол. Обвинителството се противеше, а судот го одби изведувањето на понудените докази.
Времето на убиството на велешанецот го спори и бранителот на Видевски. Побара снимки од две бензински станици кои ќе покажале дека возилото на Палевски, не било во Велес кога е убиен Жежовски. Судот прифати да се покажат такви снимки но само ако сам ги обезбеди адвокатот.
„Тие снимки ќе бидат доказ дека кангуто не се движи по таа релација затоа што за кангуто да дојде до куќата на Манев, мора да помине покрај тие две бензински станици и мора да ги има на тие две снимки. Кога ќе видите дека во тие снимки го нема кангуто, ќе биде јасно дали снимките од куќата на Велибор се вистините или не се“, изјави Бојан Манев, Адвокат на Боре Видевски.
Кешишев и Манев немаа дополнителни докази за одбрана, додека таткото на Вања понуди документ дека на денот на исчезнувањето на неговото дете разговарал со доктор од болницата „8 септември“ каде прашувал дали е можеби повредена во сообраќајка.
Со денешното рочиште, заврши постапката за одбрана и докажување, па на 2 јуни судењето продолжува со завршни зборови на обвинителството. Една недела подоцна, на 9 јуни, на судот ќе му се обратат обвинетите и нивните адвокати.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар