Македонија
26. May 2025 - 16:32

Африм Фидани нов претседател на Врховниот суд, Иван Џолев од Кривичен се сели во Апелација

Судијата Африм Фидани е новиот претседател на Врховниот суд- со осум гласа за и пет против од членовите на Судскиот совет, ја доби довербата да раководи со највисокиот суд во земјава.

Фидани претходно бил апелационен судија, а во 2017-тата станува врховен судија. Иако мислењата за него беа поделени, односно дел од членовите на Судски сметаа дека не се истакнал во работата, но и дека не ги познавал доволно состојбите во судството и Судскиот совет, сепак одлучија дека е подобар избор од врховната судијка Беса Адеми, која претходно еден мандат раководеше со највисокиот суд. За неа мнозинството гласаше против, бидејќи не била доволно кооперативна, а меѓучовечките односи во Врховен биле нарушени додека таа била претседателка. 

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев стана апелационен судија. Сите членови на Судскиот совет му ја дадоа поддршката за да оди во повисокиот суд, бидејќи бил исклучителен судија долги години и пред да биде претседател на најголемиот суд во земјава, два мандати. 

Покрај Џолев, за апелациони судии во кривична област беа избрани судијките Марија Клетничка Марковска, Оља Ристова како и судијата Бетим Јахија.

На денешната седница Советот избира шест нови судии од граѓанска област во Апелациониот суд Скопје.