Македонија
27. May 2025 - 16:37

Две обвиненија за скопските криминални банди - вршеле нарачани убиства, тргувале со дрога

Нарачувале убиства од затвор, извршувале убиства од одмазда или да го намалат влијанието на спотивставената криминална банда, дрогата ја закопувале на државни градежни земјишта- Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе две обвиненија за три криминални банди од скопското подземје. 

Едната е Беланоца- Обвинителството ги следела членовите на оваа група една година. Има 9 обвинети, од кои едниот е починат, а 7 се во бегство. Еден бил фатен вчера. Според доказите на ОЈОГОКК виновни се за четири убиства- убиството на Орхан Бајрамовски Оки еден од шефовите на кланот “Дуќанџик” во вила на Ханиоти пред две години. Членовите на Беланоца се одговорни и за двојното убиство во Шиша Бар на Јетон Кривањева и Енис Исеини. Убиствата биле нарачани од затвор, а комуницирале најчесто преку Снепчет. Шефот на Беланоца, Фатљум Ајети – Тоте веќе издржува затворска казна.

Втората група од скопското подземје, нема звучно име како Беланоца, но ги врши истите кривични дела. Според Обвинителството, не соработуваат со Беланоца, но имаат ист непријател- сакаат да го намалат влијанието на спротивставената криминална група. И убиствата на оваа банда од скопското подземје се нарачувале од затвор, обвинение има за тројца организатори и двајца извршители на убиствата. Тројца се во бегство, а одговорни се за три убиства, од кои едното е двојно. 

Обвинителството за гонење организиран криминал, една година ја следела и групата на Раде Трајковски Штекли. Тој како шеф на групата, која нема име под него имал 16 други кои продавале дрога. Обвинителен акт има за 10 лица, а другите 7 се спогодиле со Обвинителството и почнале да издржуваат казна. Минималната казна за продавање наркотични супстанци е 5 години, а оние кои се спогодиле добиле од 3 до 3 ипол години затвор. 

Дрогата од групата на Штекли се продавала најчесто по локали, а Обвинителството во соработка со МВР пронашле и каде била скриена- на градежен објект на државно земјиште. Од групата на Штекли, сите се во притвор.