Македонија
4. јуни 2025 - 16:28

Судовите се неажурни во работата, нерешени им стојат 150 илјади предмети

Судовите во Македонија се неажурни. По првите три месеци од годината не успеале да ги решат заостанатите и ново пристигнати предмети, па пред судиите, за решавање останале близу 145 илјади предмети.

Според извештајот на Судски совет, од вкупно 34 судови, единствено ажурни се судовите во Штип, Велес, Радовиш и Виница. Од советот велат заради бројните празници во јануари, вообичаено било во првото тримесечје судовите да не успеат да ги совладаат предметите, но, главниот проблем го гледаат во недостигот од судии и административен кадар.

Дел од членовите сметаат дека за надминување на проблемот со недостиг од кадар, потребно е на седниците да учестуваат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд кои по функција членуваат во советот.

Од кабинетот на министерот за правда Игор Филков, велат дека тој не доаѓа на седници заради препораката од ГРЕКО за укинување на членството во Судски совет, но за сите проблеми вели е спремен за средба која би се одржала во Министерството.

Според извештајот за работа на судовите од минатата година, најбрзо или за околу две недели предметите ги решава судот во Гевгелија. Најдолго пак, судските постапки траат во Вишиот управен суд, каде просечното време за решавање на предметите е осум месеци.