Политичките партии со обвинувања: Што е испуштено во истрагата, што е преземено по трагедијата во Кочани?
Додека се чека обвинителниот акт кој треба да покаже кој каква одговорност имал за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани кој беше кобен за 62 животи, политичките партии продолжуваат со обвинувања што е испуштено во истрагата, а што преземено по трагедијата.
Од опозициската СДСМ и денеска објавија нов информации кои според нив се избегнати во истрагата, и најавија дека ќе ги достават до Обвинителството. Денеска прашуваат дали има пријава во Обвинителството за потеклото на пиротехниката поради која изгоре дискотеката и ако има зошто не е постапено по неа? Тврдат дека фирмата за пиротехника била од блиското опкружување на премиерот Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека не се води селективна истрага, како што според нив се водело со истрагата за модуларната болница во Тетово и ја обвинија опозициската партија дека ја злоупотребува трагедијата во Кочани.
„За разлика од претходната власт сега има сеопфатна, темелна истрага за трагедијата во Кочани во која беа опфатени поранешни и сегашни функционери, од кои некои се во притвор, а тоа е доказ дека сега има одговорност и неселективност.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од претходната власт, донесе серија законски измени со кои тотално се забранува употреба на пиротехнички средства во затворен простор, со цел да нема импровизации кои во иднина би резултирале со несреќи.
Санкциите за прекршување на оваа забрана драстично се зголемени, но исто така утврдена е и строга одговорност за нелегално присуство на малолетници по полноќ во угостителски објекти, со цел заштита на младата популација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред една недела заврши истрагата на Основното јавно Обвинителство за 46 лица кои имаат порзаност со пожарот во Пулс. Сите се товарат за тешки дела против општата сигурност. Во меѓувреме во Обвинителството за гонење организиран криминал се уште трае истрагата за 14 полициски службеници.
За утре повторно е најавен мирен марш на семејствата на загинатите во импровизираната дискотека, преку кој бараат правда и неселективна одговорност за изгубените животи на нивните блиски.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар