Предметот за пожарот во „Пулс“ вратен е во Кочани, од таму ќе биде испратен до Кривичниот суд во Скопје
Обвинението против 34 лица за трагедијата во „Пулс“, се уште нема оценка од судот. По две и пол недели откако Јавното обвинителство го достави до судот во Кочани, таму денеска предметот е повторно вратен. Изминатите денови прво патуваше до Апелациониот суд во Штип кој реши дека нема услови да се суди во тоа подрачје, па го испрати до Скопје во Врховниот суд.
Тој минатата недела одлучи надлежност да добие скопскиот Кривичен суд, но обвинението повторно патува низ сите судови. Денеска пристигнало во штипска Апелација, веднаш било пратено до кочанскиот суд, кој ќе треба да го испрати до Кривичниот во Скопје. Од таму велат дека штом го добијат, предметот ќе биде распределен на оцена согласно компјутерскиот систем. Прво ќе се чекаат приговори од обвинетите, потоа ќе следи оценката и закажување на првото судско рочиште.
Според информации на Сител, обвинението содржи обемен доказен материјал, бројни документи, но, и многу снимки.
34-та обвинети се гонат за тешки дела против општата сигурност. Ќе им се суди на двајца министри, тројца градоначалници, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, сопственикот на дискотеката, вработени во Министерството за економија. Одговорност се бара и од агенцијата за обезбедување, за која министерот за внатрешни денеска изјави дека лиценцата за работа и е веќе одземена.
За трагедијата во која загинаа 63 млади, истрагата се води и против 29-мина полициски службеници. За нив обвинистелството прибира докази заради сомнеж дека издавале согласности за работа на дискотеката иако таа не ги исполнувала условите за безбедност во сообраќајот и заштита на јавниот ред и мир.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар