Македонија
8. July 2025 - 16:38

Премиерот добил дојава дека дел од европратениците нема да гласаат за бришење на македонскиот јазик и идентитет

Пред гласањето во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија, премиерот Христијан Мицкоски вели дека добил директни уверувања од европратеници дека амандманите со кои се брише македонскиот јазик и идентитет нема да поминат. За првпат, според него, македонскиот идентитет е впишан црно на бело во еден ваков европски документ.

Обидите тоа да се избрише ги нарекува „талибански методи“ и предупредува дека некој во Брисел во 21 век се обидува да избрише народ, нација, јазик.

Наспроти уверувањата на премиерот кои ги добил, претседателката Силјановска ја обвини Европската Унија дека има сериозен проблем со демократијата и дека ги крши сопствените темелни принципи. Според неа, Унијата со овој потег покажува дека не е дом на граѓаните, туку е платформа за политички игри.

Влезот во ЕУ не може и не смее да биде по цена на губење на идентитетот, јазикот, историјата и културата на Македонија, реагираат од СПМ.

-Ниту една Унија нема вредност ако сака да гази по идентитетските чувства, јазикот, историјата и културата на Македонија. Европската Унија е во криза со сопствени проблеми и во фаза на милитаризација со што ги руши сопствените критериуми и вредности на кои е воспоставена. Со тоа ја губи реалноста и станува се помалку интересна кај граѓаните  за зачленување.

И додека и Европскиот парламент и јавноста дебатира дали да стои македонски јазик и идентитет во Извештајот на ЕУ, европскиот пат на Македонија и натаму е блокиран. Оваа година е неславен јубилеј на Македонија, откако 20 години е во европската чекална како земја кандидат. Се направија премногу отстапки, за се уште да тапкаме во место, вели поранешниот амбасадор во ЕУ, Андреј Лепавцов.

Од Европската Унија пак уверуваат дека ги сакаат земјите од Западен Балкан во европското семејство.

Амандамнот со кој треба да се избирше македонски јазик и идентитет од текстот на извештајот беше договорен минатата недела на средба на трите најголеми пратенички групи.