Македонија
11. July 2025 - 16:42

Жељазков бара извинување од Мицкоски, заострена реторика на односите Скопје - Софија

Навреди, сарказам и дипломатски метафори го втурнаа македонско-бугарскиот однос во нова ескалација, во време кога односите и онака се на стаклени нозе. Повикот на бугарскиот амбасадор во македонското МНР поради тоа што бугарскиот министер за надворешни го нарече Мицкоски „северномакедонски премиер“ беше само искра, а пламенот избувна по изјавата на Мицкоски во која, алудирајќи на Георгиев, употреби метафора со лав и глушец, што Софија ја протолкува како лична навреда.

Бугарскиот премиер побара Мицкоски да се извини, да го почитува консензусот од 2022 година, а неговата изјава остави да ја толкуваат познавачите на Езоп.

Бугарското МНР го нарече јазикот на македонскиот премиер неприфатлив, а гестот,недостоен за земја што тврди дека е на пат кон ЕУ, особено во момент кога бугарски пожарникари помагаат на терен со пожарите во Крива Паланка. Тензиите, кои со години се движат на оска помеѓу политичка и историска вжештеност, овој пат добиваат и отворено личен карактер.

-За време на средбата, бугарскиот амбасадор, исто така, ја изрази сериозната загриженост на Бугарија во врска со голем број остри, манипулативни и честопати навредливи изјави од високи претставници на власта во Република Северна Македонија, насочени и кон нашата земја и кон ЕУ. Особено е неприфатливо да наречеш „непријателска држава“ земја која систематски дава реална и несебична помош – вклучително и во моментот кога бугарските пожарникари даваат помош на Република Северна Македонија во Крива Паланка во врска со пожарите што избувнаа таму.

Бугарскиот дипломат и поранешен амбасадор, Велизар Енчев смета дека Бугарија треба да го отповика својот амбасадор во Македонија откако тој вчера беше повикан на разговор во македонското МНР, и Бугарија да ја укине помошта во справувањето со пожарите во Македонија.

Според ВМРО-ДПМНЕ пак, СДС со виткање кичма ја донесе Македонија до степен на негација од страна на Бугарија.

Новата ескалација на односите помеѓу двете земји доаѓа по Извештајот за напредокот на Македонија кој во европскиот парламент беше изгласан без македонски јазик и идентитет. Иако извештајот требаше да биде чекор напред во европските интеграции, за двете страни стана нова точка на судир.