Македонија
14. July 2025 - 16:35

Како се менуваше насилниот криминал во Македонија изминативе 15 години?

Како се менуваше насилниот криминал во Македонија изминативе 15 години? Бројките за убиствата во Македонија во последната деценија и половина откриваат променлив тренд, со години на пад, но и периоди кога бројот повторно расте.

Од јануари годинава до вчера во Македонија се извршени 12 убиства, во кои има 13 жртви.

Кога ќе се погледне црната статистика за убиствата, очигледен е падот од 2014 година, кога биле регистрирани 40 убиства, во споредба со 20 убиства во 2024 година. Но намалувањето не било постојано, напротив, бројките покажуваат нестабилен тренд. Во 2020 година, на пример, се случиле 12 убиства, но веќе следната година бројката пораснала на 15, потоа 18 во 2022, 23 во 2023, за да се врати на 20 во 2024 година.

Најголемиот број од овие тешки кривични дела, се случуваат во урбаните центри. Скопје води на листата на градови со најмногу убиства во последниве 14 години, а веднаш зад него, како втор најцрн пункт, се наоѓа Тетово.

Вкупниот број на кривични дела бележи намалување: од 28.489 дела во 2014 година, бројот се спуштил на 18.727 во 2024-та. И тука, најголемиот товар на криминал го носи главниот град.

Кога се зборува за сексуално насилство, пак, бројките фрлаат особено мрачна сенка. Пикот на случаи на силување е забележан во 2017 година, со регистрирани 55 пријави, што ја прави најцрната година за сексуалното насилство во речиси деценија и половина. Во 2024, бројот е намален на 31 случај, но далеку од тоа дека е утешителен.

Можеби највознемирувачки е податокот што се однесува на семејното насилство, деликатен и често тивок криминал, кој ретко излегува надвор од четирите ѕида на домот. Според евиденцијата на МВР, во 2017 година имало 904 пријави за семејно насилство, но таа бројка во 2024 година достигнува 1.087. Тоа се речиси 200 пријави повеќе за само седум години. Најчести сторители на семејсно насилство се мажи. Од 1.087 пријавени случаи минатата година, 1018 од сторителите биле мажи. Година во периододот од јануари до март, МВР бележи два смртни случаи при вршење на семејно наилство.