Македонија
27. July 2025 - 16:41

Физичка пресметка со секира во центарот на Струмица, еден приведен, друг во бегство

Тупаници, клоци и замавнување со секира, на ваква сцена сведочеа синоќа граѓаните на плоштадот во Струмица  откако расправија меѓу две возрасни лица прерасна во отворена физичка пресметка. За драматичниот настан потврда дава и видеоснимка што од синоќа се шири на социјалните мрежи.

На снимката се гледа како едно од лицата вади секира и замавнува со неа кон другиот маж кој возвраќа со физички удари. Во еден момент на тепачката се вклучува и жена. Инцидентот се случува пред очите на бројни минувачи во центарот на градот, но засега мотивите за пресметката остануваат непознати.

Настанот го потврди и струмичката полиција. Веднаш бил утврден идентитетот на лицата, по што едното е приведено, додека другото е во бегство.

 „Од страна на полициски службеници од СВР Струмица веднаш е утврден идентитетот на сторителите, односно утврдено е дека учесници се С.А. 49 годишен  од Струмица и Ќ.Д. 32 години  од Штип. Пронајден е и лишен од слобода С.А., со кого е извршен службен разговор во просториите на СВР Струмица, а за Ќ.Д., кој по настанот се дал во бегство, е објавен централен распис за негово пронаоѓање,“ информираа од СВР Струмица.

За случајот е известен и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По негови насоки, полицијата презема мерки за целосно расчистување и документирање на инцидентот, по што против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни пријави.