Мицкоски: Разрешувањето на Коцевски ќе продолжи во ноември
Процесот за разрешување на државниот обвинител Коцевски, ќе продолжи по завршување на локалните избори. Премиерот Христијан Мицкоски, вели дека владата, сега и да сака, не може да ја спроведе постапката. Наскоро се распишувале изборите, па како што вели Мицкоски, дури и Јавниот обвинител сам да си поднесе оставка, Владата, не може да избере наследник на Коцевски.
„Сега, ние и да сакаме да преземеме нешто, не можеме бидејќи веќе влегуваме во процес на распишани избори. Од онаа информација што вчера ја добив во собранието, најверојатно, изборите ќе се распишат крајот на следната недела. Така што сите оние процеси кои што се избори и именувања и слично поради ограничувањата на законот ќе бидат практично стопирани. Така што, од ноември ние ќе продолжиме со оној процес каде што застанавме“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Мицкоски ги отфрла претходните обвинувања на СДСМ и ДУИ дека по негови насоки Коцевски ја водел истрагата за Кочани, бидејќи гласањето во собранието покажало кој верува во неговата работа. За Коцевски вели дека останал лојален на претходната власт која и го избрала да раководи со Јавното обвинителство.
Од СДСМ пак обвинуваат за директно мешање на извршната во работата на судската власт. Со изгласаната интерпелација за Коцевски, опозицијата смета дека владејчката гарнитура, покажувала дека има намера да го попречува функционирањето на секој независен орган.
„Разрешувањето на било кој обвинител вклучително и на Коцевски, со таква интрузија од страна на извршната власт го сметаме за непринципиелно од аспект на поделба на власта. Додека, во врска со овие два други органи, исто така, од таа перспектива ги цениме проблмеите поврзани со овие институции, имено, да по секоја цена се оневозможи се што е независен орган да функционира во полн капацитет“, изјава Ана Чупевска, Потпретседател на СДСМ.
Во врска со забелешките на дел од кандидатите за избор на судија во Европскиот суд за човекови права, од Владата порачуваат дека нема да навлегуваат во коментари на нивните изјави. Мицкоски вели, тоа била лична перцепција, а вистината ја претставувал официјалниот став на институциите.
„Нема да навлегувам во тоа што го кажуваат кандидатите, тоа е нивната вистина, а вистината е тоа што го кажа владата. Се формираше комплетно нова комисија која ја сочинуваат сите оние лица кои што раководат со судски и обвинителски институции, врвни, како врховниот суд, уставниот, кривичниот. Еве, тие нека одлучат на следниот конкурс кој е најдобар за да нема тука би рекол изговори вака било така било“, изјави Мицкоски.
Откако владата ја поништи листата за избор на судија во Стразбур, дел од кандидатите рекоа дека се изненадени од таквиот потег, а обвинија и дека се барало од нив да ги повлечат кандидатурите.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар