Македонија
4. August 2025 - 16:38

Утре ќе биде распишан огласот за нов претседател на Антикорупциска

Собранието, утре ќе го објави огласот за избор на наследник на Татјана Димитровска.

„Огласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, ќе биде објавен утре. Рокот за пријавување ќе трае 10 дена. Понатамошните фази од постапката ќе се спроведуваат согласно роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата“, информираше Собранието.

Според овој закон, од пријавувањето, проверката на кандидатурите, до утврдување на листата на пријавени, треба да поминат близу три недели. Потоа следуваат интервјуа со кандидатите, а последниот збор ќе го имаат пратениците кои гласаат на пленарна седница. Во меѓувреме, Собранието ќе ги распише изборите, па нејасно останува дали до почетокот на кампањата ќе се спроведе изборот. Претседателот на Собранието најави дека ќе бара правно толкување за да дознае дали и по распишани избори, може да се спроведе процесот за избор на претседател на ДКСК.

Кандидатите за оваа позиција треба да имаат високо образование, најмалку осум години работно искуство во областите на откривање или спречување на корупција и владеење на правото. Да не им е изречена забрана за вршење професија и во претходните 10 години да не биле пратеници.

Според невладините, освен веќе утврдените услови, потребно е заострување на критериумите за проверка на интегритетот на кандидатите.

„Досега кај нас се има покажано дека покрај стручноста која треба да ја имаат кандидатите, не само за ДКСК, зборувам за голем број на институции кои треба да бидат водечки во борбата против корупцијата, се покаќа дека секогаш овие личности кои ќе се изберат на чело на некои такви институции, имаат проблем со интегритетот. Како не толку далечен пример ќе го нагласам примерот со СЈО каде исто така на еден неславен начин заврши таа приказна. Мислам дека оние услови кои се поставен по законот се добри, меѓутоа, би требало да се дополнат со одредени услови кои вклучуваат проверка на интегритетот“, изјави Благоја Пандовски, Транспаренски интернешнл – Македонија.

И додека невладините повикуваат на заострување на критериумите, политичките партии очекуваат процесот да се спроведе законски и без партиски влијанија.

Изборот за претседател на Антикорупциска следи по оставката на Татјана Димитровска откако претходно беше обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат зашто друг во нејзино име го полагал тестот за сертификат за државна тајна.

Во меѓувреме, Димитровска е вратена на старото работно место во Државниот завод за ревизија, кое и беше во мирување по изборот за претседател на ДКСК.