Македонија
6. August 2025 - 16:45

Балистите скандираа “Голема Албанија”, функционерите не ги осудија

Голема Албанија, Илирида, националистички скандирања одекнуваа синоќа сред Градскиот стадион. Навивачите на Шкендија, Балисти со националистички пораки го бодреа нивниот тим на натпреварот кој го играа против Карабах.

Иако предупредени од МВР да навиваат во спортски дух, сепак трибините и вчера повторно се претворија во сцена каде се шират пораки кои го разгоруваат национализмот.

На трибините покрај навивачите, беа присутни и претседателот на Собранието Гаши, вицепремиерот Меџити, министерот за економија Дурмиши, но и опозиционерите Таравари и Али Ахмети сите седнати во ист ред.

Но сепак по натпреварот, Гаши ги пофали навивачите кои според него се пример за национални ведности. Иако денеска тој вели дека додека бил на натпреварот не слушнал такво нешто, но ако се случило го осудува.

-Особено им честитам на навивачите, кои беа подеднакво достоинствен пример за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со самодоверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот убедени дека Шкендија ќе се бори до крај. – напиша Гаши на фејсбук.

За статусот на Гаши пак реагираа од Хелсиншкиот комитет, но ги осудија и скандирањата преку кои според нив придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвикаат и злосторства од омраза.

-Особено е дискутабилна изјавата на претседателот на Собранието, кој од една страна вели дека не ги слушнал повиците додека бил присутен на натпреварот, а од друга страна јавно им честитал на навивачите нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“. Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говорот на омраза и политичко навивање на спортски терени. Осудата на говорот на ораза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од останатите државни функционери и политичари кои беа присутни на натпреварот, меѓутоа и од оние кои не беа, денеска молк за скандирањата.

МВР и Обвинителството постапуваат.

-СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител.

Од ФФМ се ненадлежни, бидејќи квалификациите за Лигата на шампиони се во организација на УЕФА. Апелираа да се навива во спортски дух, бидејќи во иднина нема да се толерира ширење национализам на трибини.

Шкендија претходно беше казнета од ФФМ, пет натпревари да ги игра без публика, откако Балистите дури траеше минутата молк за настраданите во Кочани, пееја песни за УЧК.